Пишува: ЈАНИ МАКРАДУЛИ
Кратка тажна приказна од една земја, каде што тешките муабети се кријат под тепих, а лесните се претвораат во политика.
Настанот се случува во една бела палата, под една таписерија, каде двајца подготвуваат Фејсбук храна за ботови, во форма на партиско соопштение…
А: Брат, ај види го соопштениево што го смислив. Професорот рече да ја оставиме опозицијата…
Б: Ај да чујам, што си напишал?
А: Владата ги информира граѓаните за најновите стратешки достигнувања:
– Спречен уште еден хибридниот напад, сите печени костени беа навремено отстранети од плоштадот пред да предизвикаат институционален потрес.
– Економскиот подем продолжува: фирми со двајца вработени добиваат 8 милиони евра за виртуелни лиценци. Иднината е дигитална, па макар била и виртуелна.
– Со цел да се намали употребата на алкохол, ги кратиме субвенциите за грозје и за приватните мали винарии. Помалку грозје, помалку проблеми. Едноставно е, нели?
– За да нема „разгалување на внуците“, пензионерите наместо 2.000 денари ќе добијат дисциплинирачки 1.000 денари. Бидејќи штедењето најлесно почнува од оние што немаат од што да штедат….
– Дополнително, промовирана е и иновација во владеењето: од еден министер за нешто, направивме два, кои вредат, без притоа да знаат другите што мислат дека знаат. Двојна ефикасност со нула одговорност.
– Паралелно, започнавме амбициозна кампања: „Магистратура и докторат за секој функционер” со цел да се зголемат стандардите за управување со квалитет во институциите. Бидејќи, нели, знаењето е моќ, особено кога дипломата стигнува побрзо од резултатите.
– Како дел од нашата посветеност кон правната држава, ја истакнуваме нашата принципиелна борба, а тоа е да не коментираме одлуки ако ни одговараат, како за зголемување на платите на функционерите, од 78%;
– А кога станува збор за пресудите од Стразбур, зар би ги премолчале, како што СДСМ ги премолча пресудите за нивните членови што ги гоневме за искажан збор додека беа опозиција?
В: Брат… ова ако го пуштиме, дури и ботовите ќе се замислат дали сме сериозни?
А: Што не поминало, ќе помине и ова. Ти гледај за понеделник автобусите со пензионерите да бидат опремени.
(И таман кога завршија со соопштението, инстинктивно погледнаа кон таписеријата.)
Б: А бе брат, каде е таписеријата од Никола?
А: Ќути, ја чуваме у подрум, за секој случај, конгрес се спрема.
Текстот е преземен од ФБ профилот на Авторот







