Под слоганот „Се гледаме од другата страна“ под 3 до 10 декември се случува 24. СИНЕДЕЈС – Фестивал на европски филм.
Осумте селекции, повеќе од 60 филмови, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвна работилница „Маркетинг на филм“, се фактографски белег на годинешниот СИНЕДЕЈС .
„Оваа година публика не ја водиме на филмско патување туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, на кого му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сé, е богат со најновите и најнаградуваните филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да можат да виреат такви креативци, но и на така префинета публика должни сме да и го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал пред сé“ вели Маргарита Арсова – програмски координатор на СИНЕДЕЈС .
Два филма се на почетокот на фестивалот, “Тоа беше само несреќа” во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата Златна Палма на Канскиот фестивал и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.
„Ова издание на CINEDAYS ги носи и “Тајниот агент” на Мендонса Фило, “Домот на младата мајка” на браќата Дарден, и двата номинирани за Златна Палма, “Татко Мајка Сестра Брат” на Џим Џармуш кој е добитник на наградата Златен лав во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како „Оче наш“ на Горан Станковиќ, „Ера“ на Парта Келменди, „Павиљон“ на Дино Мустафиќ…. А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и Македокс ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршеток на годинава за МКЦ.“ – дополнува Арсова.
Селектор на програмата на 24-от CINEDAYS е Бернд Будер и годинава ќе ги гледаме филмовите структурирани во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, МК во ЕУ, МК премиери на кратки филмови, музички документарци, SEE програма, селекција на Дејвид Линч и Македокс.
Жири комисијата во состав Сара Климовска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска и Алеш Павлин – режисер. Словенија ќе одлучува за филмовите во Официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора за филмовите во СЕЕ програма.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на СинеМјузик вечерите имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од Лајвјуроп програмата. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино Фросина и Дансинг салата 25 мај.
Билетите за овогодишното издание на CINEDAYS ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, а може да купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Останати финансиски покровители се Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали како и мрежата Лајвјуроп.







