Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција обвини дека скандалот со семејната фирма поврзана со Витомир Томовски, која добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра, открива длабоки релации со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Кузеска оцени дека обидите на Томовски овие денови да се дистанцира од фирмата се „прочитана игра“, бидејќи, како што нагласи, „сите факти укажуваат на тесна поврзаност“.
„Зошто Томовски толку многу се труди да покаже дека нема никаква поврзаност со семејната фирма? Иако Витомир е негов татко, Кутановски негов роднина, внукот и зетот се негови, дури и неговиот број е пријавен како контакт. Затоа е нервозата? Затоа што се фатени живи,“ изјави Кузеска.
Таа додаде дека, следејќи го „трагот на парите“, АКТ на СДСМ дошол до документи кои покажуваат дека Томовски е редовен донатор на ВМРО-ДПМНЕ.
„Томовски е еден од најистакнатите донатори на ВМРО-ДПМНЕ. Само во 2021 година донирал 8.000 евра. Уплатите од 499.700 денари, 100.000 денари, 70.000 денари, па повторно 100.000 денари покажуваат систем, не случајност,“ рече Кузеска.
Според СДСМ, и зетот на Томовски, Кутановски, исто така се јавува како донатор на партијата.
„Семејна фирма, семејни донации. Се е јасно – вака парите завршуваат во белата палата,“ додаде портпаролката.
СДСМ побара од Државната комисија за спречување на корупцијата и од Јавното обвинителство да не молчат, туку да покренат постапки за конфликт на интерес и за корупција во „врвот на владата на Мицкоски“.
„Крадењето на народот мора да престане, сите криминалци да одговараат. АКТ на СДСМ продолжува да ги открива криминалите на власта. Работата не е завршена,“ порача Кузеска.







