Извршниот директор на SpaceX и Tesla, Илон Маск, кој со години јавно се декларираше како атеист, изјави дека сè повеќе верува дека постои Творец на универзумот и дека чувствува восхит кон она што го нарекува „Бог Творец“.
Во разговор во подкастот на Кејти Милер, Маск рече дека неговите ставови за духовноста значително се промениле во последните години. „Верувам дека овој универзум настанал од нешто. Луѓето користат различни етикети за тоа“, изјави тој, додавајќи дека за него Бог претставува креативна сила зад постоењето.
Маск, кој во минатото тврдеше дека „не верува во ништо“, уште од 2022 година почна јавно да зборува за своето растечко почитување кон основните христијански вредности. Во една од своите претходни изјави дури призна дека бил „будала што не ја ценел нивната длабока мудрост“, осврнувајќи се на моралните и општествените принципи што тие ги нудат.
Минатата година отиде чекор понатаму и самиот себе се нарече „културен христијанин“, нагласувајќи дека учењата на Исус за љубов, добрина и прошка имаат силна општествена вредност, без разлика на религиската рамка во која се толкуваат.
Сепак, Маск не се откажува од својата омилена филозофско-технолошка теза. Во истиот разговор тој повторно ја спомена можноста дека нашата реалност е дел од масивна компјутерска симулација. Според него, „Творецот“ би можел едноставно да управува со напредна симулација, а човечкиот живот да не биде ништо повеќе од „нечија видео игра“.
Одејќи уште подалеку, Маск шпекулираше дека светот можеби е нешто како „вонземска Netflix серија“, чија цел е да остане доволно возбудлива за да го задржи вниманието на оној што ја следи. „Смислата на животот можеби е да се одржи човештвото интересно, за да ни расте рејтингот и да не го исклучат компјутерот“, рече тој.
На прашањето на водителката дали „рејтингот е добар“, Маск кратко одговори: „Да.“
Потоа ја поврза идејата со Дарвиновата теорија. „Ако ја примените теоријата на преживување на најспособните врз симулацијата, тогаш ќе продолжат да постојат само најинтересните симулации. Најинтересниот исход е најверојатен, бидејќи алтернативата е уништување. Значи, имаме една цел – да остане интересно“, заклучи Маск.





