Три лица – вклучувајќи двајца полицајци – се убиени во експлозија во Москва, пренесува Би-би-си според соопштението на руските власти.
Двајца сообраќајни полицајци виделе „сомнително лице“ во близина на полициско возило на улицата „Елецкаја“ во градот, а кога му се приближиле на осомничениот за да го приведат, била детонирана експлозивна направа, соопшти Истражниот комитет на Русија.
Двајцата полицајци починале од повредите, заедно со уште едно лице кое стоело во близина.
Експлозијата се случила во близина на местото каде што во понеделник беше убиен генерал-потполковник Фанил Сарваров откако била детонирана експлозивна направа – која била поставена под автомобил.
Портпаролката на Истражниот комитет Светлана Петренко изјави на Телеграм дека во Москва се истражува кривично дело „во врска со обид за убиство на сообраќајни полицајци“.
М. Д. / Цивил Медиа







