СДСМ соопшти дека постои план за предвремени избори, по што би следело прифаќање мигранти во Македонија за финансиски надомест, тврдејќи дека ова сценарио партијата го најавила уште пред речиси еден месец, а сега, како што велат, било потврдено и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Сè што СДСМ досега го најави, денес се одвива пред очите на граѓаните“, се наведува во соопштението. Од партијата потсетуваат дека британски медиуми пишувале за можноста за прифаќање мигранти во Македонија, а како пример го посочуваат и нивното пристигнување во земјите од регионот, како Косово и Албанија.
Во соопштението се наведува и дека јавноста била сведок на инциденти меѓу мигранти во центарот на Скопје, по што, според СДСМ, станало јасно сценариото кое, како што тврдат, подразбира „мигранти за пари, но пред тоа избори“.
СДСМ ја поврзува, како што наведува, брзината за избори со, според нив, објавени случаи на криминал и корупција поврзани со тендери, недостиг на средства во буџетот, како и состојбите во регионот, каде што, како што тврдат, блиски сојузници на Мицкоски се соочуваат со сериозни внатрешни проблеми.
Во исто време, од партијата потсетуваат и на носењето на Законот за Западен Балкан во САД, со фокус на борбата против криминалот и корупцијата.
„Ова нема да бидат избори за нов мандат на влада, туку референдум за иднината на државата“, се наведува во соопштението, при што СДСМ порачува дека изборот е меѓу европска иднина или криминал и корупција, односно меѓу интеграција или изолација.







