Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро реагира на, како што наведуваат, обидите на ВМРО-ДПМНЕ повторно да ја дефокусира јавноста од клучната тема – борбата против криминалот и корупцијата во земјава.
„ВМРО повторно со дефокус се обидува да го сврти вниманието од главната тема, а тоа е борбата против криминалот и корупцијата“, се наведува во соопштението на СДСМ. Од партијата оценуваат дека преку, како што велат, лажни вести и небулозни содржини поврзани со скијање, спортски приказни и естрадни личности, ВМРО-ДПМНЕ намерно ја вметнува темата за венецуелскиот лидер Николас Мадуро.
„Повторно, преку лажни вести за скијање, скокови во далечина, Харис Џиновиќ и други небулозни текстови, ја вметнува приказната за Мадуро“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека нема потреба да се објаснува нивниот став за поддршка на борбата против криминалот и корупцијата насекаде во светот.
Сепак, од СДСМ порачуваат дека фокусот мора да биде на домашните проблеми. „Македонија има свој Мадуро. Се вика Христијан Мицкоски и во моментов ја извршува највисоката функција во државата – претседател на Владата“, стои во соопштението.
Партијата наведува дека нема можност, ниту намера, да се занимава со политички процеси илјадници километри далеку, но затоа, како што велат, активно работат на разобличување на криминалот во земјава. „Ние се занимаваме со проблемот во нашата држава – криминалната организација предводена од ‘тендер коалицијата’ ВМРО/ЗНАМ“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се истакнува дека СДСМ ќе продолжи со активности насочени кон, како што велат, раскринкување на оваа криминална мрежа, сè додека не започне процесот за примена на Законот за Западен Балкан. „Ќе работиме 24/7 на расклинкување на оваа криминална мрежа, а сè ќе биде подготвено во обвинителството за активирање во моментот кога тоа ќе биде ослободено од притисокот на власта и од канџите на Христијан Мицкоски“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ потенцираат дека прво мора да се решат проблемите дома. „Прво мора да си го исчистиме сопствениот двор, па дури потоа да гледаме во туѓиот“, порачуваат од партијата.
Во соопштението се потсетува и на односите со Соединетите Американски Држави. „ВМРО заборави дека ние на САД гледаме како на стратешки партнер уште од времето кога се боревме против нивниот ментор Груевски“, наведуваат од СДСМ, потсетувајќи дека токму СДСМ ја внесе Македонија во НАТО.
„Борбата за слободна, демократска Македонија, во која правдата секогаш ќе победува, започна и нема да застане“, се заклучува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштение обвини дека СДСМ нема јасен став за апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и дека со тоа, како што наведуваат, индиректно застанува на страната на режимот обвинет за криминал и трговија со дрога.
„Тие дури и 48 часа по акцијата на САД немаат став за апсењето на овој диктатор. Со тоа СДС се вбројува во ретките политички партии кои поддржуваат шверц и трговија на дрога, режим и диктатура“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека не слушнале став ниту од лидерот на СДСМ, за кого тврдат дека во моментот престојува на зимување во Германија. „Не чувме никаков став ниту од лидерот на СДС кој во моментот е на скијање во зимскиот монденски центар Гармиш-Партенкирхен, заедно со неговиот шеф Зоран Заев“, стои во соопштението.





