Кристофер Нолан повторно успеа да ги остави фановите без зборови. Најновиот тизер за неговиот претстоен историски еп „Одисеја“ открива неочекувано име во актерската екипа – раперот Тревис Скот, во она што изгледа како негово прво значајно актерско појавување во игран филм.
За време на неделниот пренос на AFC Championship натпреварот меѓу Њу Ингланд Патриотс и Денвер Бронкос, во рекламна пауза беше прикажан едноминутен клип од адаптацијата на Нолан на епската поема на Хомер.
Во тизерот, Џон Бернтал како Менелај и Том Холанд како Телемах разговараат во нешто што наликува на воена трпезарија, кога ликот на Тревис Скот – прикажан како бард или гласник – станува, удира со стапот од подот и предупредува за претстојна војна.
„Војна. Еден човек. Еден трик за да се срушат ѕидовите на Троја и да се запали до темел“, изјавува тој.
Веста за изненадувачката улога на добитникот на Греми награди предизвика бран реакции на социјалните мрежи.
„Тревис Скот и Кристофер Нолан – ова дефинитивно не ми беше на бинго-картичката“, напиша еден корисник на X, додека друг додаде: „Ова е твит што никогаш не очекував да го прочитам.“
Имаше и скептични коментари: „Зошто сите рапери одеднаш сакаат да станат актери?“ – праша еден фан, потсетувајќи дека и A$AP Rocky неодамна се појави во пофалениот филм If I Had Legs I’d Kick You со Роуз Бирн.
Сепак, дел од публиката изрази доверба во визијата на Нолан. „Ако некој може да му даде простор Тревис Скот да покаже актерски потенцијал, тоа е Нолан“, напиша еден коментатор. Друг кратко порача: „Верувајте му на Нолан.“
„Одисеја“, кој во кината пристигнува на 17 јули, го има Мет Дејмон во главната улога како Одисеј, кралот на Итака, кој се обидува да се врати дома по Тројанската војна. Филмот располага со импресивна актерска постава: Том Холанд, Џон Бернтал, Роберт Патинсон, Зендаја, Шарлиз Терон, Ен Хатавеј, Миа Гот и Бени Сафди.
Иако ова е прва голема филмска улога за Тревис Скот, тој веќе има претходна соработка со Нолан – неговата песна „The Plan“ беше дел од саундтракот на филмот Tenet (2020). Скот има и мали актерски појавувања, вклучувајќи камео во трилерот Gully (2019) и улога во експерименталниот филм Aggro Dr1ft (2023).
Раперот, кој се проби на светската сцена меѓу 2012 и 2015 година, е најпознат по албумот „Astroworld“ (2018), кој дебитираше на првото место на Billboard 200 и доби повеќекратна платинеста сертификација.





