Пишува: ЈАНИ МАКРАДУЛИ
Сѐ уште верувам дека ќе дојде време на искреност, за искрени нешта и луѓе…
Можеби тоа звучи многу романтично, но јас верувам дека Македонија има капацитет да успее, да ја биде.
Можеби сонувам, ама знам дека знаењето ќе ја порази пропагандата. Верувам дека искреноста ќе поттикне глас кај многу луѓе залегнати во комотните папучи.
Да бидам искрен, некогаш искреноста не е доволна кога царува неспособноста и аматеризмот.
Искрениот пристап не навредува, не бара алиби, презира трошење пари за лажна пропаганда.
Џабе плукање и договарање под маса, кога во Македонија не се живее добро, а економскиот колапс не само што тропа, туку ја турка секоја врата.
На родителите кои со солзи во очите се обидуваат да направат пристоен ручек, ама воопшто не им е битно кој каде вечерал, што носел, каде градел, каде летувал. Граѓаните заслужуваат искрен однос со јасен план, план со мерки активности, рокови и одговорни лица.
Транспортерот нема никакво фајде од тоа дека после една година, сега некој ќе ѕвонел во Брисел, ама после службениот пат.
Македонскиот земјоделец скршен од напорниот труд, не е виновен дека некој од власта крадел европски пари.
Нема ништо искрено во тоа, додека си министер, да магистрираш и докторираш, исто како што нема никаква утеха во тоа кој седел на вечера до Премиерот, кога парното поскапува за 6%.
Не ги сакате искрено сопствените деца ако заради повик од месен комитет, не одите на протест да си ги барате заслужените пари.
Искрениот пристап треба да размрда, да охрабри, да поттикне и конечно општеството да прозбори.
Зашто ниту сме толку блиску до периметарот, ниту Гренланд е пак толку далеку. Сѐ е прашање на перспектива и храброст да се соочиме со реалноста.
И затоа, искрениот однос и пристап не се мерат со симболика и пропаганда, туку со суштински политики.
Искрениот однос ќе се бори за имплементација на Охридскиот договор, а не да брои семафори у Чаир.
Искрениот пристап ќе мобилизира луѓе на протести, за разлика од снимени прес-конференции.
Искрениот однос носи мерки за економијата, а не се расфрла со дата центри.
Искрениот пристап ќе ги победи и флоскулите од ChatGPT.
Искрениот однос не значи лелекање дека сите нѐ мрзат, туку спремност за борба.
Зашто искрениот пристап не е избор, тој е единствениот пат што води напред.
Зашто искрениот пристап не е слабост, тој е најсилната политичка позиција.
Зашто искрениот пристап не е стратегија за денес, туку темел за утре.
Верувам и дека сѐ би било поинаку, ако во глава се има одговорност после мандатот (без разлика власт, опозиција) искрено да се повлече црта и одговори на едноставни прашања: Што направив добро? Каков траг ќе оставам ?
Историјата покажува дека ништо не трае подолго од вистината и искреноста, а иднината секогаш ги следи тие што се доволно храбри да ги бранат.
Текстот е личен став. Преземено од ФБ на Авторот




