Американскиот „цар за граници“ на Белата куќа, Том Хоман, изјави дека наредил подготовка на план за постепено повлекување на дел од федералните имиграциски сили од Минесота, додека истовремено продолжуваат таргетирани операции на терен.
На својата прва прес-конференција во Минеаполис, Хоман рече дека ќе остане во државата „додека проблемот не исчезне“, нагласувајќи дека е испратен по барање на претседателот Доналд Трамп за да се подобри состојбата на терен по серијата тензии и смртоносни инциденти.
„Не дојдов во Минесота за фотографирање или наслови. Дојдов да најдам решенија и тоа е она што ќе го направиме“, изјави Хоман.
Тој призна дека федералните имиграциски операции „не биле совршени“ и нагласи дека службениците кои нема да постапуваат професионално ќе бидат санкционирани.
„Секој федерален агент што нема да постапува професионално ќе биде третиран како и во секоја друга федерална агенција“, рече Хоман.
Според него, имиграциските операции се насочени кон лица без документи кои претставуваат закана за јавната безбедност или националната сигурност, но тој предупреди дека и натаму секој што нелегално ја преминал границата е изложен на ризик од депортација.
Хоман информираше дека по разговорите со гувернерот на Минесота, Тим Волц, и со државниот јавен обвинител Кит Елисон, локалните затвори би можеле да ги известуваат федералните имиграциски служби за датумите на ослободување на лица кои се оценети како криминален ризик за јавната безбедност. Врз основа на овие разговори, како што рече, ќе се одлучува за постепено намалување на присуството на федералните сили во државата.
Осврнувајќи се на зголемените тензии, Хоман изјави дека ниту тој ниту претседателот Трамп не сакаат да има жртви, но предупреди дека „непријателската реторика, опасните закани и омразата кон имиграциските службеници мора да престанат“.
Хоман одби да коментира за двата смртоносни инцидента во кои федерални агенти усмртија двајца американски државјани, повикувајќи се на тековни истраги. Агентите вклучени во инцидентите се ставени на административен одмор, согласно стандардната процедура.




