Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека од Брисел добил позитивни вести во врска со долгогодишниот проблем со кој се соочуваат македонските превозници и професионалните возачи.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија. Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Тој информира дека по протестите и, како што наведе, силната офанзива во изминатиот период, Европската унија ќе донесе нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемите со кои се соочуваат професионалните возачи од Македонија.
„После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел ќе донесе нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи“, напиша Николоски.
Во објавата, вицепремиерот објави и дел од документот поврзан со новата стратегија, при што изрази благодарност до земјите и поединците кои дале поддршка за надминување на проблемот.
„Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем“, наведе Николоски.





