Остра политичка пресметка се отвори меѓу опозициската СДСМ и премиерот Христијан Мицкоски околу состојбата со јавниот долг и новите државни задолжувања. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара одговори од премиерот и министерката за финансии Гордана Кочовска зошто во официјалните податоци се крие долгот од 350 милиони евра на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), за кој гарантира Владата, но и зошто новото планирано задолжување од 1,3 милијарди евра не е предвидено во ребалансот на Буџетот.
Според Филипче, информацијата за потребата од ново задолжување поминала на владина седница на 31 август. Тој предупреди дека со овие средства, за само две години власта ќе создаде речиси четири милијарди евра нов долг, со што вкупниот јавен долг ќе достигне рекордно ниво од скоро 12 милијарди евра, односно околу 65 отсто од БДП. Лидерот на СДСМ ја обвини власта дека нема капацитет, стратегија, ниту план да направи нешто добро за граѓаните, туку спроведува само брутално задолжување.
На овие обвинувања експресно и со остра реторика возврати премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи ги тезите на опозицијата како небулозни и доказ за елементарно непознавање на економијата. Објаснувајќи ја структурата на долгот, Мицкоски истакна дека според Законот за јавен долг, заемите на ЈПДП се рамковни и се повлекуваат и плаќаат сукцесивно, во зависност од напредокот на активностите на терен и испорачаните фактури.
Во однос на одлуката од 31 август за ново задолжување на меѓународниот пазар, премиерот појасни дека станува збор за планирано издавање на еврообврзница во следната година, чија намена е враќање на старите долгови направени од претходната влада. Мицкоски упати жестоки критики до СДСМ, обвинувајќи ги дека зеле обврзница во време на корона-кризата за набавка на вакцини и модуларни болници додека граѓаните биле на врвот по број на жртви, нарекувајќи ја опозицијата „бандитска“ и континуитет на претходната власт на СДСМ и ДУИ.







