Македонската велосипедска репрезентација оствари одличен настап на Балканското првенство во цикло-крос (CX), одржано во Романија, освојувајќи два медала и уште три пласмани меѓу најдобрите натпреварувачи.
Далија Стојановска го освои златниот медал во категоријата У-19, додека Оља Цветанова се закити со бронза во категоријата У-15.
Одличен настап забележаа и останатите членови на репрезентацијата. Марко Чекеровски го освои петтото место, а Кирил Анчевски и Мартин Спасевски завршија на седмото место во своите категории.
Овој настап има дополнително значење бидејќи Македонија за првпат настапи со национална селекција на Балканско првенство во цикло-крос, дисциплина која сè уште е во развој кај нас.
Оља Цветанова: „Бронзата е посебна радост, особено затоа што ова беше мојата прва CX-трка“
За Оља Цветанова, настапот на Балканското првенство беше посебен предизвик, со оглед на тоа што за првпат се натпреваруваше во цикло-крос.
„На трката отидов без посебни очекувања за резултатот. Најважно ми беше да се снајдам на патеката, да ја совладам техниката и да стекнам ново искуство. Многу сум среќна и задоволна од освоеното трето место и бронзениот медал, особено затоа што ова беше мојот прв настап во цикло-крос.
Велосипедизмот за мене не е само спорт, туку и остварување на мојот сон. Сакам да тренирам, да учам нови работи, да бидам сè подобра и еден ден да стигнам што е можно подалеку во овој спорт“, изјави Цветанова.
Претседателот на Велосипедската федерација на Македонија, Емил, истакна дека историскиот настап на националната селекција и освоените медали се значаен поттик за понатамошен развој на оваа дисциплина.
„Ме радува фактот што за првпат Македонија настапи со национална селекција на Балканско првенство во цикло-крос. Како нов претседател на Велосипедската федерација на Македонија, но и како поранешен државен првак во оваа дисциплина, особено сум задоволен што, и покрај тоа што цикло-кросот сè уште не е доволно популарен кај нас, нашите млади надежи успеаја да се претстават во одлично светло и да постигнат значаен успех за македонскиот велосипедизам.
Следејќи ја работата и подготовките на селекторот, имав целосна доверба во неговите одлуки и тактики, а конечните резултати само ја потврдија оправданоста на таа доверба.
Сакам искрено да им честитам на Далија Стојановска и Оља Цветанова за освоените медали, како и на Марко Чекеровски за петтото место и на Мартин Спасевски и Кирил Анчевски за освоените седми места. Сите тие покажаа борбеност, посветеност и достојно ја претставија нашата земја.
Верувам дека овој настап е само почеток и дополнителен поттик за развој на цикло-кросот во Македонија. Нашите млади велосипедисти покажаа дека имаме потенцијал, а наша задача како Федерација е да создадеме услови тој потенцијал да продолжи да се развива“, изјави претседателот на ВФМ.
Репрезентацијата настапи под водство на селекторот Милан Нацевски, а освоените медали и постигнатите пласмани претставуваат значаен резултат за македонскиот велосипедизам.
Истовремено, првиот настап на националната селекција на Балканско CX првенство е важен чекор кон поголема застапеност на цикло-кросот во домашниот велосипедски календар и создавање нови можности за младите велосипедисти да напредуваат и да се докажуваат на меѓународната сцена.







