Грција ги поддржува евроинтеграциите на Западен Балкан, можеме да ѝ бидеме најдобар сојузник на Северна Македонија, а во спроведувањето на Договорот од Преспа има напредок, но новото име треба да го користат сите.
Ваква порака испрати шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по денешната средба во Атина со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Грција е подготвена да обезбеди техничка помош за да се поддржат напорите на земјите од Западен Балкан за пристапување кон ЕУ. Во овој контекст дозволете ми да потенцирам дека целосното, конзистентно имплементирање на Договорот од Преспа е начин за обезбедување на напредокот. Две години откако Договорот стапи во сила, препознаваме дека има напредок во спроведувањето на промената на името. Но, потребен е поголем прогрес – од една страна во користењето на името и терминологиите од сите државни институции и приватни субјекти, вклучувајќи и интернет-страници, а од друга страна потребен е и прекин на антиквизацијата – отстранување на сонцето од Вергина од сите јавни површини, преименување на патишта и објекти. Она што е кристално јасно во Преспанскиот договор е јасноста за она што се случи во античкиот период, а едно е јасно – со сета почит, вашите сонародници, а вие тоа го прифативте, не биле дел од кампањите на Александар“, рече Дендиас на заедничката прес-конференција.
Османи, пак, порача дека му е задоволство да ја почне годината со успешна посета на Грција и рече дека намерите се да се надмине прагот на добрососедството како коректен политички наратив и да се изгради подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, а се заблагодари и за поддршката од Грција на нашиот пат кон ЕУ.
„Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план“, рече Османи.
Двајцата шефови на дипломатијата разговарале и за пандемијата со ковид-19, за што Дендиас рече дека Грција вложува напори за обезбедување вакцини и за Северна Македонија, а тој лично ќе продолжи со напорите, но нагласи дека и премиерот Киријакос Мицотакис е многу активен во овој контекст.
Дендиас и Османи потпишаа и три меморандуми за разбирање: едниот ќе биде за цивилна заштита, другиот за соработка на дипломатските академии и третиот меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“.
Во таа насока, министерот за надворешни работи потенцираше дека пред двете земји стојат сериозни инфраструктурни и енергетски проекти.
„Наша обврска е преку овие меморандуми, преку политичката соработка, да ги создадеме сите услови за натамошно унапредување на трговската размена, размената во областа на туризмот, инвестициите, како најважна и сигурно најопиплива придобивка за граѓаните … Пред нас се сериозни проекти во инфраструктурата и енергетиката. Преку изградбата на интерконекторот за пренос на гас, поврзување на земјите преку гасовод, возобновување на постојниот нафтовод, учество во изградбата на гасниот терминал Александрополис, железничкото поврзување, патното поврзување и секако отворањето на новите гранични премини Маркова Нога-Лемос и Мајден-Промахои“, рече Османи.
Пред да се сретне со грчкиот колега, шефот на дипломатијата се сретна и со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, а еднодневната работна посета на Атина треба да ја заврши со средба со премиерот Киријакос Мицотакис.
Извор: 360 степени