пишува: ЕМИЛИЈА ПОПОСКА / ЦИВИЛ МЕДИА
Во 2016та година, една година по разгласениот BREXIT и во годината во која победи Трамп живеев во Англија и се чини како да беше вчера како низ улиците во Лондон започнаа протестите против него. Се сеќавам дека бев во шок и не можев да поверувам во резултатот, но откако Клинтон јавно го призна поразот во име на демократијата сфатив тека тоа е нашата нова реалност.
Глобализацијата ја збриша средната класа во развиените држави, од кои најпогодена беше Америка, и со тоа го зголеми јазот на социјалната нееднаквост и сиромаштијата. Индустриите се преселија во државите каде работната сила е поевтина, а луѓето не само што ги изгубија своите работни места, туку и немаа никаква финансиска потпора од државата да се преквалификуваат и со тоа да се пофлексибилни во барањето нова работа. Вашингтон ги заборави и за тоа беше казнет. Гласачите поверуваа дека реалити милионерот е оној кој ги гледа, слуша и е единствениот кој може да се погрижи за нив и да ја исправи неправдата која им беше нанесена. Непријателите беа насекаде: во илегалните мигранти, во Кина, во НАТО. Битката која ја разгласуваше Трамп беше бескрупулозна и безмилосна.
Но, како во моментите во кои е најпотребна „видливата рака на владата“ гласачите ја избраа „ невидливата рака на пазарот“? Нео-либералната политика која константно ја де-регулираше глобализацијата и од неа креираше монструм кој предизвикува еколошка криза, злоупотребува работници за прениски плати и е тотално неодржлив, со изборот на Трамп сега треба да се најде во улога на спасител? Се чини, крајниот исход од напред го знаевме сите освен Трамп и неговата база гласачи.
Неговата политика во претходниве четири години беше исполнета со хаос, деструкција, константна флуктуација на вработени во неговиот кабинет, негово отповикување, контрадикторни твитови и многу голф. Кулминацијата на самовљубеноста беше неговото однесување во текот на пандемијата, чии потенцијални последици ги потценуваше, претставувајќи се себе како недопирлив и исмевајќи ги сите кои носеа маска. Иронично, аналитиката покажува дека токму лошото справување со пандемијата е основната причина за неговиот пораз.
Во периодот на кампањата постојано ја промовираше пораката дека доколку изгуби, тоа значи дека изборите се украдени. Паралелно, врз основа на анализа на гласачкото тело, константно ја стимулираше неговата база да не гласа преку пошта, знаејќи дека демократските гласачи ќе преферираат да гласаат на тој начин. Знаејќи дека гласовите преку пошта ќе се бројат последни, сакаше да притисне гласовите да престанат да се бројат пред гласовите преку пошта да достигнат броеви кои не му одговараа нему и на неговата кампања. Но тоа не е сè, по објавата на резултатите не го признава поразот повикува на големи протести за да изврши притисок на конгресот да не ја одобри победата на Бајден, и јавно влегува во конфликт со Републиканската партија заради нивното неподдржување на неговото вето на законот за одбрана.
Се чини дека таа самозаљубеност целосно му ја поматуваа способноста да види дека му се ближи крајот, и мисли дека со помилување на затвореници и креирање на нестабилност и хаос, ќе го одложи неизбежното, а тоа е дека и покрај тоа што поразително голем број на граѓани го поддржаа на изборите, поголем број на граѓани беа спремни да гласаат за кандидат кој дури и лично не го поддржуваат, само за да гласаат против него.
Трамп се храни подеднакво од луѓето кои го поддржуваат и од луѓето кои го критикуваат. Со последните атоми на моќ го бара секое минимално внимание кое може да го добие, рушејќи сè пред себе, трудејќи се да направи колку е можно поголема штета и сè дури добива внимание, независно дали е позитивно или негативно тој ќе наоѓа нови начини да шокира, навредува и спинува. Сцената е негова до 20ти јануари. Неговиот нарцизам го гледаме во висока резолуција. По согледувањето на својот одраз, како во древниот мит, Трамп падна во езерото, но со сите сили се труди да исплива на површината, надевајќи се дека на брегот ќе се најде некој кој ќе се смилува и ќе му подаде рака. Целиот свет е во исчекување на 20ти јануари после кој единствените очекувања се: стабилност, сигурност и ре-обновување на срушените мостови.
Авторката е докторант на Факултетот за Општествени науки на Универзитетот во Љубљана каде посебно се занимава со истражување од областа на политичката и економската глобализација.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.