Спасовски на денешната прес-конфенција ја претстави и хронологијата на настаните врзани со случајот Мијалков.
„Во саботата околу 12.30 часот добив повик од обвинителката Рускоска, која ме извести дека имала сознанија дека Мијалков подготвува бегство. Иако доколку имала сознанија можела да се обрати до судот, сепак се договоривме да прати писмено известување до МВР за да се провери дали нашите служби имаат такви сознанија. Во 17 часот од ОЈО за организиран криминал, добивме известување во кое стои дека обвинителката Рускоска располага со информации дека Мијалков се подготвува да избега преку зелената граница. по добиеното известување е постапено и во 23 часот вратено е известување до Јавното обвинителство. Во меѓувреме во 22.30 часот издадена е наредба за полициско обезбедување на улици и објекти за 24 часовен надзор.“, објасни Спасовски.
Тој потенцира дека прикриеното полициско делување што е дозволено со закон, е обезбедено, но не и следење на лице што може да се направи без судска наредба.
„Во неделата околу 11 часот директорот на Бирото за јавна безбедност, добива повик, а потоа и барање за објаснување и дополнителни информации на што е одговорено дека нема дополнителни информации. Издадени се насоки да се ангажираат дополнителни служби низ Скопје и посебно на излезните точки од градот. Околу 14.40 минути од правец на МЕПСО кон хотелот Мериот, е забележан Мијалков со едно женско лице и три машки лица, по што влегуваат во подземните гаражи. Околу 15.05 часот забележан е излез на три возила, но не можело да се утврди дали во возилата е и Мијалков. Во целиот овој период има поставено полициски тимови околу хотелот Мериот, зградата на улица Тодор Александров, како и на излезите од Скопје.“, истакна Спасовски.
Тој рече дека по подигањето на решението за куќен притвор добиено од Основниот суд, почната е процедурата за доставување и околу 21.30 утврдено е дека Мијалков не е таму.
„Извршени се пребарувања на три стана во сопственост на Mијалкови, а потоа и на стан во улица Народен Фронт, а преземени се и други активности за пронаоѓање на лицето. За оние што не постапиле одговорност мора да има. Граѓаните бараат правда и таа мора да се обезбеди.“, потенцира министерот Спасовски на денешната прес-конференција.
Ј. Ѓ.







