„Предложивме воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава започнувајќи од среда (10.03). Овој предлог е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање. Апелирам на дисциплина којашто во моментов ни е најпотребна затоа што тоа единствениот начин да се спречи неконтролирано ширење на Ковид 19.“ објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче за предлогот за воведување на полициски час.
Од Министерството за здравство информираа дека анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени но и зголемен број на хоспитализирани, од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект.
Владата на утрешната седница ќе треба да се произнесе по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
Ј. Ѓ.