Објава на социјалната мрежа Фејсбук дезинформира дека мешавина од: мед, лимони, лук, пченица и ореви, е чудотворен лек за рак. Врз основа на медицински мислења на двајца доктори, директорот на Клиниката за онкологија и уште еден лекар од истата клиника, оценуваме дека не е вистина оти храната е лек против ракот, иако секој човек треба да се храни здраво и да се грижи за своето здравје, пишува Вистиномер.мк.
Рецензираме напис со Фејсбук пост во кој се промовира наводен чудотворен лек против рак. „Со четири лажици на ден ракот исчезнува, познат руски научник открива рецепт за најмоќен лек“, се тврди во манипулативниот и крајно неетички наслов, којшто има за цел да промовира текст базиран на комплетни медицински невистини.
Во текстот се тврди дека со 15 лимони, еден килограм мед, 12 чешниња лук, 400 грама пченица и 400 грама свежи ореви, се подготвува наводен чудотворен лек против рак, кој помага карциномот да се повлече и се препорачува да се зема на секои 2 часа доколку се користи за таа намена. Ваквата мешавина во текстот се нарекува „лек“, што е крајно медицински неиздржано тврдење.
„Вистиномер“ се обрати до директорот на универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија доктор Нино Васев, кој за конкретната мешавина рече дека не претставува никаков лек за рак.
Ми е жал кога ќе прочитам вакво нешто. Првпат слушам, би сакал следниот пат некој таканаречен научник да каже дека гледање во снег ќе нè направи бели во лицето. Нема никаква научна потврда дека исхрана лекува рак, ни изјави доктор Васев.
Се обративме и до доктор Газменд Амзаи од Клиниката за хематологија кој ни рече дека:
Лекување на леукемија со 400 грама ореви и 15 лимони е исто како да се каже дека некој ќе убие мечка со пиштол на вода.
Сепак, во написот што го рецензираме, освен што лажно се тврди дека ваквата мешавина е лек против рак, уште и се додава дека треба да се зема во количина од 1 до 2 лажици на секои два часа.
Извесниот професор Христо Мермерски и во странство е претставуван како изумител на овој рецепт, за којшто македонските лекари со специјалност за третман на канцер тврдат дека е невозможен. Така, во Велика Британија, Мермерски е претставен како бугарски професор, за разлика во текстот што го рецензираме, каде е претставен како руски професор.
Врз основа на медицински мислења на двајца доктори од Македонија (директорот на Клиниката за онкологија и уште еден лекар од истата клиника), оценуваме дека не е вистина оти храната е лек против ракот, иако секој човек треба да се храни здраво и да се грижи за своето здравје.
Написот што е предмет на оваа рецензија е комплетно невнимателен и претставува ризик кој може граѓаните кои се болни од канцер, да ги наведе на погрешен заклучок дека треба да се откажат од конвенционалната медицина и да го бараат спасот во непостоечки „лекови“ од лимони и ореви, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.