Голем број граѓани се пријавиле за учество во акцијата за чистење ѓубре на иницијатива на Министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски, а во која ќе учествуваат вработените од државните институции. Акцијата ќе се спроведе на 14 декември, на дваесетина локации во Скопје, како и во поголемите градови во државата.
Со акцијата, сите вработени од институциите ќе се приклучат на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“, под мотото „Чистиме со Не биди ѓубре“, а воедно ќе го одработат 2 јануари годинава, што беше прогласен за неработен ден. Целта е да се исчистат што повеќе јавни површини во градовите, но и да се прати порака дека „Европа нѐ сака чисти“.
Министерот Манчевски повика повеќе организации и фирми да се вклучат во акцијата со поддршка преку донирање ракавици и вреќи за собирање ѓубре. Во разговор за FRONTLINE.MK тој вели дека се надева оти акцијата ќе биде успешна, но предупредува дека доколку по чистењето повторно расфрламе насекаде, ништо не сме направиле.
Поради природата на работата, вработените од здравствениот и образовниот сектор, градинките, како и оние вработени чијашто природа на работата не дозволува отсуство од работа, ќе се приклучат на акцијата со тоа што ќе ја чистат околината на установите во коишто работат.
За успешна организација на акцијата вчера се одржа средба на организаторите, а формирана е и работна група во која има претставници од Кабинетот на премиерот на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, МИОА, Градот Скопје и ЗЕЛС, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈП за одржување и заштита на регионалните и магистралните патишта.
Онаму каде ќе биде потребно ќе бидат обезбедени и соодветни алат и механизација да помогнат во чистењето.
Манчевски појасни дека надвор од Скопје, акцијата ќе ја организираат општините. Масовната акција за чистење се планира да стане традиционална, со што вработените од државните институции ќе помогнат за зачувувањето на животната околина, која е на сите и за сите.
„Се надеваме дека на овој начин ќе влијаеме и на свеста на граѓаните, за да успееме да ги зачуваме чисти локациите откако ќе заврши акцијата“, вели Манчевски.
На акцијата се приклучија и Делегацијата на ЕУ и амбасадорот Самеул Жбогар од каде ќе обезбедат и опрема којашто би ја користеле луѓето при чистењето. Конкретни информации за локациите и распоредот на вработените од институциите ќе бидат објавени дополнително.
Манчевски за FRONTLINE.MK вели и дека при изборот на локации ќе се внимава тоа да бидат урбани средини каде што нема опасен отпад, за да се намалат можностите вработените во јавната администрација и другите учесници да се повредат.
Јасмина Симоновиќ од иницијативата „Не биди ѓубре“ смета дека вакви акции се добродојдени и дека праќаат одлична порака до граѓаните да се грижат за чиста околина.
„Би ги замолила граѓаните кои сакаат да нѝ се придружат во акцијата, да понесат по еден, два пара ракавици и вреќа за собирање на отпадот, што сметам дека не чини многу, а ќе ни помогне за успешно спроведување на акцијата“, рече Симоновиќ за Фронлајн.мк.
Во акцијата се очекува да учествуваат повеќе од 40.000 луѓе. Акцијата ќе почне во 9 часот и ќе трае до 12 часот на пладне. Собраниот отпад ќе се селектира, на пластика, стакло, хартија и останати отпадоци, а со возила од јавните претпријатија ќе биде одложен на соодветни места.
Билјана Богдановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Б. Јордановска