Граѓани од сите делови на земјата, па дури и од странство, постојано нудат и испраќаат помош за семејството Симоновски, самохраниот татко Ајнур и неговите пет малолетни деца, Алмир, Љубица, Јасмина, Леонора и малиот Анџело.
По објавената сторија дека на семејството кое едвај врзува крај со крај, преживува во субстандардни услови во скромна куќичка, без греење, тоалет и апарати за домаќинство, понудена е финансика помош, облека, прехранбени продукти, играчки и средства за лична хигиена од стотици граѓани, а ЦИВИЛ и Фронтлајн.мк, сè што ќе соберат, во текот на оваа недела ќе го достават во целост на социјално загрозеното семејство.
Помош понудија и доставија од Црвениот крст во Скопје. Тие денеска го посетија семејството, донираа пакети млеко, голема количина прехранбени продукти, нови душеци, играчки и велосипеди за децата и најавија дека нивната помош не застанува тука.
Во моментов, ЦИВИЛ и Фронтлајн, како и институциите, работат на собирање средства за реновирање и санирање на куќичката, обезбедување бела техника и секако греење, за да можат дечињата да живеат како што посакаа, на топло и на безбедно.
Исто така утре, за време на одржувањето на Фестивалот на слободата во Музеј на Град Скопје, во организација на ЦИВИЛ, граѓанките и граѓаните ќе можат да остават донација, свој мал придонес за таткото и петте дечиња, како и за други социјално загрозени поединци и семејства. Влезот е бесплатен.
И. Т. З.