Полициските кучиња од Вирџинија кои бараат марихуана, мораат да одат во предвремена пензија бидејќи таа сојузна држава во САД подготвува од 1 јули да ја легализира марихуаната за „рекреација за возрасните лица“, пренесува СлободенПечат.мк.
Во другите држави во САД тоа веќе и се случи, така што кучињата трагачи престанаа да се користат во Вирџинија и пред нејзините пратеници да ја изгласаат легализацијата минатиот месец. Посебен закон кој стапи на сила во март и забранува на полицијата да запира или претресува некого само заради мирисот на марихуана.
Централната полиција во Вирџинија пензионира 13 тренирани кучиња, додека многу помали полициски одделенија и канцеларии на шерифи во пензија испраќаат по едно или две кучиња.
Повеќето станици се во процес на купување и обука на нови кучиња за откривање само на нелегални видови на дрога: кокаин, хероин и метамфетамин. Но, некои полициски одделенија немаат по 15.000 долари за купување и обука на кучиња, па сосема ги укинуваат „кучешките единици“.
Меѓутоа, бидејќи кучињата кои се обучени за повеќе видови на дрога, предупредуваат на ист начин за сите од нив, невозможно е да се каже дали укажуваат на присуство на марихуана или некоја недозволена дрога. Кучињата исто така не можат да разликуваат мало, легално количество на марихуана „за рекреација“ од поголемо, и понатаму нелегално количество, наменето за трговија.
За полицијата тоа значи дека повеќе не може да се потпре на кучињата, со тоа што трговците на дрога од неодамна најдоа начин како да не дојдат до суд: кога полициското куче сигнализира дека некаде нашло дрога, тука обично веќе гори цигара од марихуана и полицијата не може да направи ништо, бидејќи марихуаната сега е легална, а претресот тука се прекинува бидејќи е доведено во прашање досега дoверливото полициско доказно средство – кучешкиот нос.