Во Париз денеска почнува Форумот за генерациска еднаквост, во чии рамки Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА е копредводник на Акциската коалиција за сексуално и репродуктивно здравје и права и телесна автономија со неколку држави-членки меѓу кои и земјава.
Тридневниот Форум, како што соопшти тимот на УНФПА, ги здружува владите, невладините организации, Обединетите нации, младинските групи, фондациите, приватниот сектор и други, со цел донесување конкретни заложби за родова еднаквост.
Ќе учествуваат голем број државници, претставници на владини институции, на граѓанското општество, на корпорации, на Обединетите нации, меѓу кои и извршната директорка на УНФПА Наталија Канем. Учество со видео порака, како што се наведува, најави и претседателот Стево Пендаровски.
Дискусиите на Форумот за генерациска еднаквост се структуирани главно околу следниве теми – Глобален план за забрзување на родовата еднаквост, Генерација еднаквост: здружување на силите, Гласови на феминистичката младина, Иновативни иницијативи за родова еднаквост, Глобални дискусии, регионални динамики, Родовата еднаквост во хуманитарни ситуации и Иницијативи за одговор на Ковид-19.
-Акциските коалиции на Форумот се платформа којашто содржи шест теми со повеќе од 90 партнери што се приклучија на коалицијата во февруари 2021 година, за солидарно да се обединат околу основните принципи: благосостојба, родова еднаквост и глобален просперитет. Ова претставува ново партнерство на владите, граѓанското општество, Обединетите нации и приватниот сектор за промовирање на правата на сите жени и девојки. Платформата во наредните пет години ќе донесе конкретни и трансформативни
промени за жените и девојки низ целиот свет, стои во соопштението.
Форумот за генерациска еднаквост е глобално здружување за родова еднаквост, свикано од страна на UN Women и копретседавано од страна на Франција и Мексико, во партнерство со Советодавната група на граѓанското општество (CSAG) како дел од годишнината на Пекинг+25. Форумот почна во Мексико Сити во март 2021 година и кулминира во Париз.
извор: МИА







