Пишува: ТИНА ИВАНОВА
Не гледам вести на ТВ, ама на мреживе гледам исечоци и од вести и од дебати. И постојано погледот ми оди кон една навидум небитна работа, ама толку ми го одвлекува вниманието што наместо да слушам што зборат, гледам што прават со рацете.
Веројатно сите сме ја забележале: како одеднаш толку наши политичари почнаа да ги држат рацете вака – прстите споени на врвовите, дланките одвоени.
Уште од времето на Груевски тоа ми боде очи, а сега еве го гледаме кај сите од прв до последен.
Ме нервира затоа што е толку извежбано што едноставно не може да не се забележи. А и не им стои на сите. Гледав една млада политичарка пред некој ден – убаво средени нокти, ама со тие споени прсти изгледаше повеќе како реклама за салон за убавина отколку како спонтана поза за сериозен настап. Не е спонтана, всушност.
Инаку, гестот е добро познат. Се вика „steeple gesture“ или буквално „гест кула“.
Не е нов македонски бонтон за прес-конференции и јавни говори. Во невербалната комуникација најчесто се поврзува со самодоверба, контрола, аналитичност или порака од типот: „Внимателно размислувам и знам што зборувам“.
Токму затоа го користат политичари и јавни говорници низ светот. Може да се види кај лидери како Черчил или Горбачов, или кај научници како Опенхајмер, кај луѓе кај кои овој гест бил дел од природниот стил на комуникација.
Ама кај нас кога ќе го видиш истиот гест кај десетина функционери, со исто држење, ист тон и ист израз на лице, човек почнува да се прашува дали гледа политичари или посетители на ист курс: „Како да изгледате убедливо пред камера“.
Лекција 1: гледај сериозно.
Лекција 2: спои ги прстите.
Лекција 3: кажи дека ситуацијата е под контрола.
Е сега, говорот на телото може да помогне, но не може да ја замени содржината. Може да изгледаш како да имаш решение за државата додека си ги споил прстите, ама публиката сепак ќе гледа што навистина кажуваш и што навистина правиш.
Затоа, следниот пат ПР агенциите можеби треба малку повеќе да се позанимаваат со суштината, а малку помалку со упатството: „Држи ги вака рацете, изгледа лидерски“.






