Пред неколку дена Горан Сугарески објави дека има намера да се кандидира за градоначалник на Прилеп од редовите на СДСМ и едновремено за сметка на тоа истакна дека ќе се повлечи од директорската функција во Царинската управа.
Повлекувањето од директорската позиција на Царина, Сугарески го образложи за да не остави ни трошка сомнеж дека на било каков начин ќе го злоупотреби неговото учество во извршната власт за да влијае на постапката за избор на кандидат за градоначалник.
„Зошто го правам ова сега, неколку месеци пред локалните избори? Затоа што сметам дека на еден град херој, му личи да биде пример и предвесник на новата скала во демократскиот развој. Јас целата своја досегашна политичка кариера ја поминав како политички фајтер, но кој никогаш не задавал удари под појас! Затоа сметам дека е единствено исправно и политички коректно на истекот на 6 месечниот мандат на в.д. директор да прекинам да ја обавувам јавната должност во Царинската управа. Не сакам да оставам ниту трошка сомнеж дека на било каков начин ќе го злоупотребам моето учество во извршната власт за да влијаам на постапката за избор на кандидат за градоначалник. Внатрепартиската процедура не смее да има ниту една дамка. Длабоко сум убеден дека ова е логичен и принципиелен демократски исчекор во една модерна, транспарентна и супер демократска партија како СДСМ. Тоа значи дека од 11 јули јас се враќам на моето работно место во Општина Прилеп!“, рече Сугарески.
Како што изнесе денеска Сугарески, му било чест и задоволство да биде директор на една ваква институција како што е Царинската управа.
Ј. Ѓ.