На социјалната мрежа Твитер продолжува канонадата од лажни вести и дезинформации, кои најчесто доаѓаат од анонимни или лажни профили на корисници на оваа мрежа. Вакви објави се појавија и во врска со пожарите што ја зафатија земјава деновиве, особено на социјалните мрежи, информира ЦИВИЛ.мк.
Таков е и твитот објавен вчера на Твитер од профилот „Колаче“, кој објави фотографија на изгорена птица покрај гнездо, за која се тврди дека е од пожарот кај Пехчево. „Мајка е мајка, без разлика од кој вид е.. Можела да одлета и да се спаси, но останала..Пехчево“, пишува во Твитер постот.
Инаку, се работи за фотографија која е објавена на Твитер во мај 2021 од познатиот пакистански новинар Хамид Мир, кој што соработувал со многу пакистански медиуми, а често гостува и во познати светски медиуми, како Гардијан и Би-Би-Си.
Како што се гледа од објавата на Мир на Твитер, се работи за фотографија што е објавена на 30 мај 2021, пред повеќе од два месеци. Фотографијата е од пожарот кај ридот Маргала близу до главниот град на Пакистан, Исламабад. Очигледно дека фотографијата нема врска со пожарите во Малешевијата, кои започнаа на почетокот на август по Илинден.
ЦИВИЛ уште еднаш ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на вакви дезинформации и лажни вести, чија цел е да создадат паника, страв, разочарување и недоверба, во време кога има огнена стихија и пожари низ целата земја.