20 декември 2019 (МИА)
1582.- Во Франција бил воведен Грегоријанскиот календар. Папата Грегориј Осми, извршил реформи на Јулијанскиот календар отстранувајќи ја разликата од 10 дена и наредил зад четврток – 4 октомври 1582 година, следниот ден да се смета како петок 15 октомври, а секоја четврта година да биде престапна. Тоа се главно основите на Грегоријанскиот календар што набрзо почнале да го прифаќаат и другите европски земји.
1699.- Рускиот цар Петар Велики го модернизирал рускиот календар, соопштувајќи дека Нова година ќе почнува на 1 јануари, а не на 1 септември како што било дотогаш. Петар тогаш го отфрлил византискиот календар поведувајќи се по европскиот пример.
1795.- Роден е германскиот историчар Леополд фон Ранке, професор на Берлинскиот универзитет и член на Пруската академија на науките. Тој главно пишувал за историјата на германскиот и романскиот народ, но и за народите од централана и југоисточна Европа. Студирал теологија и филологија, а докторирал на филозофија. Дела: „Француска историја“, „Англиска историја“, „Римскиот папа“, „Германската историја за време на реформите“.
1830.- Учесниците на Лондонската конференција, на која биле застапени Британија, Франција, Австрија, Прусија и Русија, се согласиле за одделување на Белгија и Холандија, по востанието што го кренале Белгијците за да формираат независна држава.
1860.- Јужна Каролина прва се отцепила од САД. Тоа било вовед во четиригодишната граѓанска војна која почнала во 1861 година.
1894.- Роден е австралискиот државник Гордон Мензис, премиер на Австралија со најдолг стаж. Бил шеф на владата како лидер на Обединетата австралиска партија од 1939 до 1941 година, а потоа како водач на Либералната партија од 1949 до 1966 година. Значително придонесол за јакнењето на влијанието на САД во Австралија со што земјата ја вовлекол на американска страна во Виетнамската војна.
1902.- Француските научници Марија и Пјер Кири лабораториски издвоиле нов елемент – радиум, што го откриле уште во 1898 година. Тие тогаш, само утврдиле дека радиумот постои, но биле потребни низа години многу работа, трпеливост и самооткажување додека Марија Кири успеала лабораториски да ги издвои чистите честички на радиумот. Во 1903 година Марија и Пјер Кири ја добиле Нобелова награда за физика.
1902.- Роден е Васил Иљовски, македонски драмски писател, есеист, критичар, книжевен историчар и истакнат педагошки работник. Иљоски бил член на МАНУ и на Друштвото на писателите на Македонија. Завршил Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1926 година Иљоски ја започнал работата над своето прво посериозно драмско дело со првично име „Бежанка“. По две години, текстот веќе бил подготвен за изведба на сцената на “Скопскиот народен театар”, но овој пат со ново име – „Ленче Кумановче“. Драмата била напишана и изведена на кумановски дијалект, а нејзината премиера се одржала на 16 јуни 1928 година. Иљоски бил еден од членовите на комисијата формирана при Министерството за народна просвета со цел да ги подготват македонската азбука и правопис. Исто така, тој бил еден од основачите и првите членови на Друштвото на писателите на Македонија (13 февруари 1947 година) и на МАНУ. Драмски дела: „Ленче Кумановче“, „Чорбаџи Теодос“, „Ученичка авантура“, „Биро за безработни“, „Пиши, Панче“, „Два спрема еден“, „Чест“, „Кузман Капидан“, „Син и татко“, „Допирни точки“, „Окрвавен камен“, „Свадба“, „Смрт за живот“. Васил Иљоски бил добитник на бројни книжевни и државни награди, меѓу кои и на: АВНОЈ, највисокото општествено признание во бившата СФРЈ и „11 Октомври“. Починал на 1 ноември 1995 година во Скопје.
1909.- Во Охрид е роден Андон Дуков, македонски ликовен уметник и борец во НОВ на Македонија. На 16 февруари 1944 година борци на Првата македонско-косовска НОУ бригада го пронашле смрзнат и бос, со празен ранец на грбот и со пушка која ја држел со згрчени раце.
1912.- По победата на балканските сојузници кои ги освоиле речиси сите турски европски поседи, во Лондон почнала мировната конференција меѓу Турција и балканските земји.
1923.- Во Штип е роден Ацо Шопов, истакнат македонски писател и академик. Тој е еден од основоположниците на модерната македонска литература. Неговата прва книга стихови “Песни” објавена е во 1944 година. Меѓу другите познати дела се “На Грамос”, “Стихови за маката и радоста”, “Слеј се со тишината”, “Ветерот носи убаво време”, “Небиднина”, „Раѓање на зборот“, „Јус-универзум“, „Гледач во пепелта“, „Песна на црната жена“, „Дрво на ридот“ и други. Покрај писателската дејност тој бил уредник на книжевните списанија “Иднина”, “Нов ден”, “Хоризонт” и “Современост”. Ацо Шопов бил добитник на највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“, како и на „Кочо Рацин”, „11 октомври”, и „Браќа Миладиновци”. Бил именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, земја која го инспирирала за збирката „Песна на црната жена“. За време на престојот во Африка, тој го превел изборот од поезијата на сенегалскиот претседател, Леополд Седар Сенгор, добитник на „Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година. Истата година, Ацо Шопов бил именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, но три години подоцна, болеста го присилила да го напушти активниот живот. Умрел во Скопје на 20 јануари 1982 година.
1925.- Во Прилеп е роден Властимир Николовски, еден од најголемите македонски композитори во историјата на повоената македонска музика и академик. Меѓу бројните дела познати му се ораториумот „Клименту“, кантатата „Сердарот“, симфониите “Бревис“, „Барбара“ и „Рустика“ и други. Умрел во Скопје, на 28 март 2001 година.
1937.- Умрел германскиот генерал и воен писател Ерих Фридрих Вилхелм Лудендорф, еден од клучните германски команданти во Првата светска војна. На почетокот на војната успешно ги раководел операциите на Источниот фронт, а во 1916 година бил поставен за прв помошник на штабот на Врховната команда. Дела: „Тотална војна“, „Моите воени спомени 1914-1918“.
1971.- Во Москва умрел Александар Трифонович Твардовски, еден од најголемите руски поети. Се смета за еден од предводниците на десталинизацијата во литературата. Од делата познати му се поемите „Вадилиј Тјоркин“ и „По далечината – далечина“, стихозбирката „Од лириката на овие години“ и други. Роден бил во 1910 година.
1973.- Од експлозија на бомба со разорна моќ поставена под патот и активирана по доаѓањето на неговиот службен автомобил, во Мадрид бил убиен шпанскиот претседател на владата адмиралот Луис Кареро Бланко. Било предвидено на чело на државата тој да го наследи Франциско Франко.
1982.- Во Женева умрел Артур Рубинштајн, пијанист-космополит, од полско потекло, еден од најголемите интерпретатори на класичната музика во 20. век. Роден бил во Лоѓ, во Полска, на 28 јануари 1887 година.
1989.- САД ја почнале инвазијата врз Панама со 12.000 војници, на кои им се придружиле уште толку американски војници стационирани во земјата поради отстранување на поранешниот американски штитеник претседателот на владата Мануел Антонијо Нориега.
1990.- Шефот на советската дипломатија Едвард Шеварнадѕе ненадејно поднесол оставка, предупредувајќи го парламентот на опасноста од воспоставување диктаторски поредок во земјата.
1993.- Кралството Шведска и Кралството Норвешка воспоставиле дипломатски односи со Република Македонија.
1994.- Непопустливоста во разговорите меѓу руското и чеченското раководство довела до жестоки борби во главниот град на Чеченија, Грозни и до стотици загинати невини граѓани.
1994.- Собранието на Република Македонија донело одлука за избор на Владата на Република Македонија. За претседател на Владата бил избран Бранко Црвенковски.
1996.- Во Сиетл умрел Карл Саган, американски астроном и писател, добитник на Пулицеровата награда во 1978 година за неговата книга „Змејовите од рајот“. Други негови познати дела се „Космос“, „Марс и човековиот ум“, „Други светови“ и други. Роден бил во 1934 година.
1998.- Американката Нкем Чуква, со нигериско потекло, родила осумка, што бил прв таков познат случај. Седум дена подоцна умрело најмалото бебе.
1999.- Со симболично навлегување на единиците на кинеската армија, португалската енклава Макао по четири и пол века станала дел од Кина. Пристанишниот град Португалците почнале да го градат во 1557 година, а со договорот помеѓу Лисабон и Пекинг градот и територијата околу него во 1887 година официјално станале португалска колонија.
2001.- Умрел сенегалскиот државник и писател Леполд Седар Сенгор, поранешен претседател на Сенегал, еден од најистакнатите африкански лидери и светски познат писател. Шеф на државата станал во 1960 година и на таа функција останал две децении. Во 1975 година бил добитник и на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата.
2001.- Советот за безбедност на Обединетите нации едногласно ја усвоил резолуцијата за испраќање меѓународни сили во Авганистан под команда на Велика Британија.
2001.- Умрел Борко Темелкоски – Лилјакот, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден бил во Прилеп, на 11 август 1933 година.
2004.- Во Чикаго умрел Сон Силис, еден од најпознатите блуз-гитаристи во светот. Роден бил во 1942 година.
2016.- На 97 години почина Мишел Морган, една од најголемите француски актерки на 20-сеттиот век, на љубителите на филмот позната како жената со најубави очи во францускиот филм. Мишел Морган играше во околу 70 филмови, а се прослави со улогата во филмот „Крајбрежје во магла“ на Марсел Карне од 1938 година, во која партнер и беше големото актерско име Жан Габен. Познати се нејзините улоги во филмовите „Големите маневри, „Паднатиот идол“ и „Фабиола“ од 1949 година. Како позната актерка ја доби првата награда за најдобра женска улога во историјата на Канскиот филмски фестивал во 1946 година за улогата во филмот „Пасторална симфонија“ на Жан Делано, адаптација на истоимениот роман на Андре Жид. Мишел Морган, која беше олицетворение на францускиот гламур, публиката двапати ја бираше за најпопуларна француска актерка. За време на Втората светска војна ја напушти Франција и се обиде да гради кариера во Холивуд, но таму не доби забележителни улоги и се врати во родната земја.