„Згрозен сум од објавениот фејсбук статус на сметка на личната трагедија на кандидатот за градоначалник на Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески“, реагира кандидатот за градоначалник на Прилеп од редовите на СДСМ, Горан Сугарески на својот Фејсбук профил.
Реакцијата на Сугарески, следи откако извесен Роберт Вретоски, преку фејсбук му упати закани за убиство на синот на кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески, доколку не ја повлече кандидатурата.
„Без разлика дали станува збор за вистински или лажен профил, како политичар, но пред сè како човек, најостро го осудувам крајно морбидниот и нехуман чин. Никој нема право да се изживува и да злоупотребува било чија лична трагедија за лични или било какви други интереси“, нагласува Сугарески.
Во политиката, исто како и во животот, вели Сугарески, мора да постојат ,,црвени линии” кои не смее да се преминат.
Тој нагласува дека ова се локални избори кои треба да претставуваат борба на идеи и концепти, а не полигон за дисквалификација на било кој кандидат, од било која политичка опција.
„Очекувам надлежните институции да преземат итни мерки, да го откријат сторителот и најстрого да го санкционираат“, напиша Сугарески.
Д. Е.