пишува: ИВАНА Т. ЗАФИРОВСКА
Помина точно една година од вистинскиот почеток на македонската европеизација. Покрај сите зли намери на одредени политичко-партиски структури, покрај црната пропаганда за „продавање“ на името на државата, изопаченото лобирање на домашни и странски сили, Северна Македонија за прв пат вистински е во предворјето на Европската Унија, а веќе седи на иста маса, како еднаква, со НАТО пријателите.
На денешен ден, лани, македонските граѓани одговараа на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“. На Референдумот гласаа 666.743 граѓани, од кои 609.813 се определија „за“ членство во ЕУ и НАТО, а со самото тоа го поддржаа Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција кој беше ратификуван во јуни минатата година, од страна на двата Парламенти.
Како поминаа подготовките за судниот ден – денот на Референдумот. Своевремено, се кршеа копјата дали членовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат да гласаат, и откако неколкумина се „одметнаа“ и се изјаснија дека ќе гласат „против“ беа линчувани од партијата, затоа што мнозинството сметаше дека прашањето е „страшно“ и не ни заслужува одговор.
Токму тие, кои ги осудуваа своите сопартијци и ја оцрнуваа владината коалиција (посебно СДСМ), се истите кои ги слушавме во „бомбите“ кои ги објави сега актуелниот премиер Зоран Заев, како се наддаваат со термини „Северна“, „Горна“, „Нова“ како да е земјава на лицитација или „два килограми компир“ на Зелено пазарче. Во ред. Сега тие се „чесни“, а Владата е „шиткач“?
Свој придонес во пропагандата секако дадоа и „Бојкотирам“. Неуморно ги преплавуваа социјалните мрежи со „патриотски“ објави, дека Владата ги продаде името, јазикот и најважно, идентитетот со потпишувањето на Преспанскиот договор. Еве помина година, а чудо, уште сме Македонци. Ама овој пат уште поголеми луѓе, а од пред некој ден со двете раце и нозе во ЕУ, остана најбитното, главата уште е извадена од прозорец.
Пеки. Совршенство не постои, па така не постои ни совршен договор, а уште помалку РЕАЛЕН разумен компромис. На социјалните мрежи дел од македонските граѓани не го поддржаа, ниту пак дел Грците не беа најсреќни и организираа протести. Сите се помирија, битна е подадената рака, просперитетот на другиот. Најважна беше целта. Да им биде подобро и на едните и на другите. Така и би!
Можеби потпишувањето на Договорот го „урна“ угледот на Заев и СДСМ, но ете токму работата и упорноста, а најмногу „удирањето глава в ѕид“ да му се помогне на овој народ да има посветла иднина, полека но сигурно ќе бидат препознаени. Германија рече „да“, на потег се Холандија и Франција, а потоа и Европскиот совет.
Слабости има. Правосудството уште е „климаво“, не се решени многу проблеми (се таложеа со години), а самиот референдум, исто како и повеќето претседателски, парламентарни или локални избори, наиде на проблем со Избирачкиот список, кој е жива материја, има многу недостаоци и никогаш не е најпрецизно утврден. Тука како причина секако може да се вброи и пропаднатиот попис во 2011, за кој тогаш актулениот премиер Никола Груевски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети беа осомничени дека ја оштетиле државата за 175 милиони денари.
Аналитичарот Сашо Орданоски на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Референдум 2018“ вечерта по одржувањето на референдумот, нагласи дека слабост е и тоа што Македонија е единствената европска земја во која цензусот за излезноста на Референдумот е толку висок.
„Такви вискоки цензуси во Европа, колку што ми е мене познато, нема. Во демократските земји изнесуваат помеѓу 25 и 40 отсто. Ако паметите, ние на едни претседателски избори моравме да го симнеме цензусот на 40 проценти за изборите да бидат успешни. Кога ќе го земете предвид Избирачкиот список, за чии слабости ЦИВИЛ зборува и ги посочува со години, ќе видите дека станува збор за невозможна мисија. За мене, над 650.000 гласови, од кои 91 процент од граѓаните се изјасниле „за“ е сосоема доволна искажана референдумска војла, врз која може да потоа да се носат политички ставови“, рече Орданоски на панел дискусијата на ЦИВИЛ. Според него, прашањето на Референдумот беше прецизно дефинирано, на народот му беше јасно за што ќе гласа или нема да гласа. Но што е многу битно, според Орданоски, овој пат немаше режим. Овој пат, премиерот не им се закани на 200.000 административци дека ќе бидат избркани од работа ако излезат или не излезат на гласање.
Сепак, покрај црната пропагадна, мора да се забележи дека за успехот на референдумот, во голем дел придонесоа и медиумите. Мониторингот на ААВМУ, во периодот од 19 до 27 септември 2018 година, покажа дека кај најголемиот дел од медиумите се забележува поголема застапеност на ставовите „за“ референдумот, додека кај ниту еден нема прилози со ставот „против“ што е резултат на отсуство на агитација за оваа опција.
Според Вториот извештај од мониторингот на медиумското покривање на референдумот 2018 што го објави Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, информациите за активностите и ставовите за „бојкот“ се присутни помалку и главно се однесуваа на изјавите на тогашниот претседателот Ѓорге Иванов, Кризниот штаб „Македонија бојкотира“, Светскиот Македонски Конгрес и Левица.
За успех на Референдумот, секако придонесе и кампањата на коалицијата од преку 30 политички партии и голем број невладини организации, обединети под слоганот „Излези ЗА европска Македонија“. Преку трибини во речиси сите градови, преку позитивна кампања, коалицијата се обиде да ја приближи до граѓаните идејата за успешна и просперитетна земја, која од членството во европското семејство би имала само бенефит. Кампањата беше надополнета со многу видео пораки на афирмирани музичари, политичари, професори, академски граѓани.
https://www.facebook.com/Izlezi.ZA/videos/410128696186796/
Премиерот Заев по завршувањето на референдумскиот ден го оцени исходот како позитивен и рече дека Македонија сепак ги одбрала Европа и Алијансата и дека затоа што народот го зацементирал тој став со својата волја.
„Европска Македонија доби повеќе гласови „за“ од било кој победник на било кои парламентарни избори во историјата на независна Македонија. ….Граѓаните поддржаа европска визија, а Собранието треба да ја следи волјата на надорот“, рече Заев по референдумот.
Граѓаните пред една година гласаа „за“ европска Северна Македонија, а октомври ќе стави печат на успешната работа која доведе до ново поглавје, да не нè гледаат од високо, туку право во очи. А тоа што говори? Дека референдумот е успешен!