Волонтерството во земјава е во постојано опаѓање. Потребно е државата да воспостави систем и да работи на програми за стимулирање и мотивирање и на оние кои нудат волонтерска работа, било да се од граѓанските организации или јавниот сектор, но и на оние кои ќе почнат со волонтерска работа. Во спротивно, волонтерството ќе изумира, оценија дел од учесниците на денешниот Националниот форум за волонтерство.
– Заклучок и од последното истражување од оваа проблематика укажува дека волонтерството е на многу ниско скалило во Македонија. Се повеќе сме сведоци дека волонтирањето изумира. Ситуацијата во земјата, меѓу другото, се должи и на тоа што младата генерација во голем дел заминува од државата, а тие што остануваат делуваат апатично и волонтерството не им паѓа на памет, изјави Зоран Илиески од Коалицијата СЕГА
Затоа, додаде тој, волонтерството треба дополнително да се промовира меѓу младите луѓе и тие да се мотивираат, а за негов развој треба да се има институционален пристап. Министерството за образование и наука, како и Бирото за развој на образованието, додаде Илиевски, се дел од институциите кои треба да дадат придонес во промовирање на волонтеризмот и едукација на младите за придобивките односно вредноста на волонтирањето.
Основата за промена, смета тој, се измени во Законот за волонтерство, во кој треба да има позитивни мерки. Според него, има добри примери од европски држави каде систематски се мотивира и стимулира волонтерството.
Со ваквите ставови се согласува и Златко Талевски од Младинскиот културен центар Битола, организатор на Форумот, кој смета дека по анализирањето на состојбите за тоа какви се состојбите по донесување на законот, треба да се направат одредени законски измени и дополнувања, но и нова стратегија за волонтерството 2020-2025 година.
На таков начин, смета тој, ќе се даде можност за волонтирање и во граѓанските организации како да се унапреди системот за поддршка на волонтерите во јавниот сектор и отворање нови можности за волонтерска работа, особено за младите.
Талевски вели дека во одреден интерес за волонтерство има во граѓанските организации, но оти тој е намален во јавните институции и државните органи, поради, како што рече, бариери направени со Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој волонтерските се заменија со договори за трајно вработување и се ставија пречки за нови волонтери во јавниот сектор.
На Форумот учествуваат претставници од граѓански организации и фондации кои работат на полето на промоција и развој на волонтерството, претставници на Владата и на други јавни институции.