пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Изборниот ден „д” не е на 12-ти април, туку утре во владата. Во владините одаи, лидерите на клучните политички играчи ќе лицитираат и ќе треба да ги конкретизираат кадровските решенија за привремен премиер, за неколкуте пржински министри и за уште по некоја кадровска дребулија во насока на пролетните предвремени.
Но, на утрешната средба, е мошне извесно, воопшто да не се стаса до оваа прва точка од навестениот дневен ред. Пред власта да го соопшти името на новиот привремен прв министер, а опозицијата своите кадри за ресорите полиција, социјала и финансии, лутите партиски противници ќе треба да си расчистат уште по некоја предизборна сметка.
Пред сѐ, околу блокираните собраниски процеси. Најнапред, со иницијативите за новиот изборен модел и за владиниот пакет социјални мерки, како за стечајците, за паричните надоместоци за социјално загрозените, за пензиите и за уште по некоја изборно популарна мерка за власта и за изборно непопуларна мерка за опозицијата.
Изборниот модел и социјалните теми најверојатно ќе бидат каменот на сопнување кој многу лесно може да нѐ доведе до утрешната основна, до пржинската тема за составот на привремената предизборна влада. Комбинацијата на силите во рамките на тројката преговарачи Заев, Ахмети и Мицкоски е со ротирачка комбинација во однос на утрешниот договор или на утрешниот недоговор. Од таа причина, сѐ уште е неизвесно и дали партиските лидери воопшто ќе стасаат до кадровските теми. До кадровските решенија кои изборите договорени за дванаесетти април конечно би ги направиле извесни.
На меѓупартиските еквилибристики, на нивните извесни комбинаторски неизвесности, би им позавиделе и спортските обложувалници. Само една, две посоки:
Прво, Мицкоски и Ахмети се наспроти Заев за темата изборен модел. Второ, Заев и Ахмети се наспроти Мицкоски во однос на собраниската блокада за владиниот пакет социјални мерки. Трето, како и да се заврти рулетот, крупието во сите варијанти е Ахмети. Како и во многуте претходни, така и во ова сѐ уште неизвесно предизборие, кај него е клучот. Кај него е и спикерот Џафери кој единствено може да ја организира последната собраниска седница во овој состав и да ги прогласи предвремените избори за април.
Оттука, сѐ до денеска, во јавноста доминантната тема за кадровските комбинаторики за најновата пржинска влада, на утрешната сеанса на партиската лидерска тројка, лесно може таа воопшто и да не дојде на нивниот дневен ред.
Па, ако тоа се случи, ако во април предвремени ќе нема, тогаш до редовните само изговори ќе има.
Сите права се задржани.