Шарл Бодлер
Мојата младост е предел чиј хоризонт црн е,
луња низ која само в миг сонцето ќе светне;
громот толку удирал и дождот толку врнел
што во мојата бавча е редок плодот летен.
Еве веќе низ есента на мислите бродам,
и со лопата и гребло треба, како стопан,
земјиштето да го зберам во кое што вода
големи колку гробови црни дупки копа.
И цвеќето, на мечтите мои толку драго,
во почвава измиена како речен грагор
ќе најде ли тајна храна за која е страдно?
О болка! Времето векот ни го јаде гладно,
а Непријателот, скриен во срцето, стрвен,
сè посилен и позгоен од нашата крв е!
Шарл Бодлер (1821-1867) е француски поет, преведувач и критичар. Неговата збирка поезија „Цвеќињата на злото” се смета за една од највлијателните збирки на сите времиња.
избор: Тања Кармзова Костиглиола