МАТЕЈА МАТЕВСКИ
Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
Звуците се бранови на ветерот
низ тревите подгонети.
Некаде ѕвони. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сè. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.
Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно.
Бегајте низ кавезот звучен
глуво и безнадежно.
Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сè е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.
Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.
Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сè боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.
Матеја Матевски (1929-2018) е македонски поет, есеист, литературен и театарски критичар и преведувач. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Златен венец на Струшките вечери на поезијата за 2011 година.