СДСМ според мене го има најдобриот кадровски потенцијал и најголем демократски капацитет. Кандидатите се избираат на избори и програмата може најдемократски да ја презентираат, рече кандидатот за нов претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во гостувањето на „24 Анализа“
– Јас ќе се раководам според трите столба, враќање на социјалдемократските вредности, економски раст и подобар животен стандард, енергетската криза, пандемијата, давање фер шанса на сите нивоа на државата. тоа не значи дека некој ќе дојде од надвор да добие голема функција, но може партијата да организира совети и поделба на партијата од државата, додаде Ковачевски.
Тој појасни дека партијата има заменик претседател избран на конгрес, во моментот е Сања Лукаревска, а во останатите тела 50 проценти ќе бидат застапени жени и 33 проценти млади.
– Многу е важно да го зајакнеме единството и да го мотивираме секој член да се приклучи на промените. Секој член и поддржувач да ја врати довербата во партијата. Да го разбереме незадоволството и причините и да се менуваме – истакна Ковачевски.
Тој посочи дека СДСМ секогаш била и мора да остане партија која обединува. Ковачевски рече дека на локалните избори се намалил коалицискиот потенцијал на партијата, но се случиле и внатрешни несогласувања што резултирале со поделби.
– Таквите грешки не смеат да се повторат, единството е клучот за успех. Потребен ни е јасен и фер внатрепартиски систем каде луѓето се почитувани и наградувани согласно со придонесот. СДСМ мора да е препознаен преку чесни, посветени и ангажирани луѓе, а посветеноста и одговорноста на секој да биде единствено мерило за напредок – нагласи Ковачевски.
Доколку ги погледнеме резултатите од изборите СДСМ има намалени гласови бидејќи дел од коалициските партнери настапија сами на изборите, со свои кандидати и листи за советници, рече кандидатот за претседател на партијата Димитар Ковачевски во гостувањето на ТВ24. Тој вели дека и дел од традиционалните поддржувачи, како зелените и другите групи на интерес, настапиле со независни листи, а исто така и во партијата се појавиле несогласувања и дел од кандидатите настапиле сами или се приклучиле кон други партии.
-Има и дел од членовите кои не гласале за ниту еден од овие три корпуса на кандидати и не излегле воопшто на гласање. СДСМ носеше тешки одлуки уште од преземањето на власта и беше посветен на решавање на стратешките прашања. Беа потпишани договорите со Грција и Бугарија и во моментов имаме најдобри добрососедски односи што доведе до празнини внатре во функционирање, рече Ковачевски.
Според него дел од кадрите дури и се занимавале со големите политики за разлика од она што им било доделено.
-Сепак, ние успеавме да водиме политика на едно општество за сите и спроведување економски концепт на враќање на парите кон граѓаните и трансферите беа зголеми за трипати, беа зголемени платите и поддршката на земјоделците, истакна Ковачевски.