Раде Силјан
Си имаме море несолено
Си имаме поле неорано
Си имаме народ за броење
Си имаме жени доилки
Си имаме семе изртено
Сѐ си имаме
И време за распродажба
И деца за прокуда
И сонце што не заоѓа
Си имаме море несолено
Си имаме многу татковини
Сѐ си имаме
А утре
Можеби народ ќе немаме
Раде Силјан (1950) е македонски поет, есеист, критичар и преведувач родум од Жван, Демирхисарско. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Браќа Миладиновци во 1990 година.
избор: Тања Кармзова Костиглиола