пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Не гледам некаков проблем во тоа што Пендаровски се обидува да се шири низ обеззаевените пространства на милата ни Татковина како благороден гас. Макар што јас не гледам некоја благородност во неговата агрегатна состојба. Но, океј, подобро е на сцената да има некој што ќе ја забавува публиката, отколку публиката да се качи на сцената и да го забавува него.
И сите нас.
Малку ми пречи што како некое пиле се обидува да ја пробие лушпата на своите уставни стеснетости, на моменти дури ми делува како да испил некое заборавено апче од фармацевтската колекција на Хорхе, но, молам, тоа што сака да ја засили својата позиција во македонската политичка и институционална конфигурација, ми е сосема разбирливо.
На некој начин е и добро.
Но, содржините и делумно методите, со кои почна да го гради пиедесталот на новите значења, со своите реални и, уште повеќе, симболички димензии, ме тревожат и јас се чувствувам како астрофизичарите на наса пред лансирањето на Џејм Веб.
Имам впечаток дека Стево, ако можам во оваа прилика така да го ословам, се отклонува од македонскиот Зоран и се поместува во орбитата во која над нормалниот свет кружи хрватскиот Зоран.
Милановиќ.
Суверенизам, национализам, популизам, идентитет, достоинство…
Блаблабла!
Тоа е тој митлеуропски концепт на антиевропскоста на државите што Европа ги очовечи.
Им ги изу болшевичките чизми и ги обу во „Гучи“!
Во однос на Заев и на неговите епохални остварувања тоа е ревизионизам, опасен и штетен ревизионизам, а во однос на Милановиќ стремежите на нашиот претседател се обид со сува и банална фразетина, со демагогијата од најдолен вид, со текстови кои личат на вечерните извештаи на Центарот за тревожење, не многу побогати и поинтересни од содржините од полициските билтени, да се стигне во орбитата на луцидноста и вербалата и ментална егзибиција на Милановиќ и неговата штетност за Хрватска.
Ми личи дека Пендаровски не настапува сам, туку зборува како гласноговорник на силите кои од позициите на патетичниот и смртоносен македонизам го соборија Заев.
Ако е моето претчувство основано, односно ако истапите и настапите на Пендаровски се знак за повлекување на Македонија во себе, за бирање на идентитетот како нешто што во Европа ќе биде загрозено, тогаш јас мислам дека е време да одредиме кој ќе ја има таа чест да ја изгаси сијалицата.
Не ни треба Европа без македонски јазик?
Хахаха!
А македонски јазик без Македонија?
Какви се тие форсирани и манипулативни спротивставености во умот.
Никој ништо не ни може, бидете спокојни, не можат тие да не блокираат толку колку што ние можеме да издржиме под блокада!
Ова се обраќања до будалите.
Да не се лажеме.
Таа мрежа на национализмот што ја фрла во отвореното море ќе ја лапне големиот кит на времето и ќе го повлече и него и Македонија и сите нас. Нема тој да фаќа риби туку него ќе го фатат како сом и сите нас како папалини.
Не е прашањето: Европа или идентитетот?
Тоа е прашање за репродукција на политичарите кои немаат визии и идеи.
Ние мораме да се движиме ако не сакаме да паднеме од точакот на историјата.
А Пендаровски вели дека можеме да стоиме неограничено долго.
Што да се прави?
Помош и овој пат побарав во филозофијата.
Јас мислам дека секој човек на одговорна функција секој ден би морал на свој трошок да посетува два часа настава по филозофија.
Еве зошто:
Животот е непрекината напнатост меѓу условите и слободата.
Ми се допаѓа оваа дефиниција на Карл Јасперс.
Најинтересна е нејзината апликација во средини во кои условите ги разбираат како слобода, а слободата како фабрика за производство на услови.
Односно, во средини во кои извртеното разбирање на условите и слободата ја деформира живототворната напнатост на Јасперс и ја претвора во смртоносна поза.
Како во Македонија.
Одбивајќи ја осаменоста и бунтот, ние се вклопуваме во светот на општеството, историјата, политиката, техниката. Бирајќи меѓу дистанцата спрема тој свет, која може да ни ја обезбеди слободата, и вклопувањето, кое може да ни го обезбеди нашето битие, ние ја бираме вклопеноста.
Се бираме себе си.
Ние се сакаме себе си, а не слободата.
Односно ние ја сакаме слободата само како амбиент во кој ќе се сакаме себе си.
Што има лошо во тоа?
Па, ние сме лоши.
Тоа е.
Така се дефинира процесот на скапувањето.
Одбивајќи ја јасперската максима на борбата, ние се менуваме така што остануваме исти. Ние не се дистанцираме од светот, но времето се дистанцира од нас.
Скапуваме.
Исчезнуваме.
Дури и не така бавно.
Не се потребни некакви посебни инструменти за да се забележи тоа патување кон ништото.
Немаме дух кој може да не ослободи од објективизацијата која ни оневозможува да сфатиме дека не можеме да ја критикуваме Македонија, а да не се критикуваме себе. Да очекуваме и бараме Македонија да се смени на подобро без да се смениме ние.
Работата е во тоа свесно да ја прифатиме борбата во која во прашање ќе се доведе нашата автентична суштина. Не надворешната. И дека победата или поразот ќе ги сретнеме според тоа колку ќе станеме свесни за основите на своето битие во стварноста на својот живот.
Колку сме далеку од тоа јасперско повнатрешнување на борбата.
На целите и на жртвите.
Самиот факт што вредностите ги означуваме како вредности ги обезвреднуваат предметите на тие оценки. Хајдегер рекол дека кога го прогласуваме Бог за „врховна вредност“ тоа значи дека ја деградираме суштината божја. И нацијата и јазикот и историјата и културата. Но, да се биде против вредностите не значи да се биде за отсуство на вредности и за ништост на постојното, туку да се биде против субјективизацијата на постојното кое преку субјективизацијата го сведуваме на прост предмет.
Што, пак, да се каже за апсолутизацијата на вредностите.
На тој начин вредностите се испумпуваат од својата суштина и, второ, затоа што тоа вкаменување во субјективизираните вредности го блокира развојот и ја ограничува, па дури и ја суспендира слободата.
Според Габриел Марсел, „вредноста се распознава по транслуцидноста, односно таа е одраз на еден поредок кој нè надминува“.
Нас.
Ние сме вредност по тоа што можеме да го оствариме, а не по тоа што сме.
Треба, господине претседателе, да ја чуваме и браниме моќта и страста да стигнеме до тоа што нас не надминува, а не да се браниме и чуваме себе. Тоа што сме. Без таа моќ и страст не сме ништо.
Ни фали транслуцидност, Пендаровски.
Транслуцидност!
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.