Мандатарот на новата влада Димитар Ковачевски денеска го достави Предлогот за состав на нова влада и Предлог-програмата за работа на владата до претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Седницата на која ќе се избира новата влада, како што најавил Џафери на денешната средба со мандатарот Ковачевски, треба да се одржи во сабота, на 15 јануари, со почеток од 11 часот.
За министри без ресор се предложени досегашниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ, а нови имиња се Славица Грковска и Џемаил Чупи.
Во новиот состав на владата за министер за одбрана е предложена Славјанка Петровска, а со ресорот правда треба да раководи Никола Тупанчевски. Во Министерството за внатрешни работи останува досегашниот министер Оливер Спасовски, а функцииите ги задржуваат и министрите за надворешни работи, за транспорт и врски, за финансии и за економија, Бујар Османи, Благој Бочварски, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши. Со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и понатаму ќе раководи Артан Груби.
Според предлогот на мандатарот, со Министерството за здравство ќе раководи Беким Сали, со Министерството за земјоделство Љупчо Николовски, со Министерството за образование и наука Јетон Шаќири, со Министерството за труд и социјална политика Јована Тренчевска, со Министерството за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и со Министерството за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Во Министерството за локална самоуправа останува и понатаму Горан Милевски, а нема промени и во Министерството за животна средина и просторно планирање каде останува досегашниот минстер Насер Нуредини.
извор: МИА