Од самиот почеток на ескалацијата од страна на Руската Федерација, раководството на Украина, украинската дипломатија и армијата ги вложуваат сите напори Украина да биде стабилна и подготвена за различни сценарија и секакви агресивни намери, пишува во изјавата на МНР на Украина.
Конкретно, вчера, претседателот на Украина, Володимир Зеленски и Советот за национална безбедност и одбрана направија темелна анализа на актуелната безбедносна ситуација и натамошните дејствија на Украина.
Поради неодамнешните одлуки на претседателот, Парламентот и Владата, како и помошта од клучните партнери, дополнително го зајакнале својот капацитет за заштита на безбедноста на државата и граѓаните.
„Сеопфатниот пакет мерки за одвраќање на Русија, што Украина им го предложи на своите партнери во ноември 2021 година, стана ефективна алатка за спротивставување на агресивните политики на Кремљ. Украина сега има силна позиција, вклучително и поради координираните дипломатски контакти на сите нивоа, заклучно со подготовката на строгите економски санкции, снабдувањето со оружје и макрофинансиската помош од страна на САД и ЕУ“.
„Во моментов критично е да останеме смирени, обединети и консолидирани во земјата и да се воздржиме од дејствија кои ја поткопуваат стабилноста и сеат паника“, пишува во изјавата.
Од МНР на Украина во својата изјава потенцираат дека вооружените сили на Украина постојано го следат развојот на настаните и се подготвени да го одбијат секој напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Исто така украинската дипломатија е во контакт со сите клучни партнери, навремено ги добива потребните безбедносни информации, кои и овозможуваат на Украина да преземе навремени активности.
„Продолжуваме да работиме на намалување на тензиите и мобилизирање поддршка од меѓународните партнери за да ја задржиме Русија во рамките на дипломатскиот дијалог“, пишува во изјавата на МНР на Украина.







