Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Бев седнал да пишувам колумна за Прва линија, кога некој тропна на вратата. Помислив дека е Ромката која секоја недела доаѓа по храна и ме нервира со својата редовност, со тој протокол што ми го има наметнато и со утепаноста што ја надоградува со глупавата глума, па си помислив: е не ти отворам денеска, па што сака нека биде, арно ама, си реков, добро, а што ако е Сашо Мијалков кој дошол да ти ги донесе документите за новиот Форд раптор лимитед.
И пикапот што сега те чека долу пред зградата?
Со извинување за улогата во палењето на твојот Ренџ ровер спорт пред седум години кога беше врховна власт над сите власти?
И така, решив да станам и да отворам.
Пред вратата не беа ниту Ромката ниту Сашо.
Немаше никого.
Само една сива кутија за пица залепена за прагот.
Со лавови и црвени ленти на кои беше испишано името на фурната: ВМРО-ДПМНЕ.
Ја кренав и веднаш сфатив дека внатре нема никаква капричоза или кватро формаџо.
Само еден кружно, пицесто би рекол, обликуван флиспапир и под неговата заматена проѕирност, папирус испишан со убав ракопис во кобалт плаво, очигледно нанесувано со некое гускино перце од уким или од ману.
И една визитка на која пишуваше: Господине Тричковски, во прилог ви го доставуваме обраќањето на нашиот многупочитуван лидер што би сакале да го објавиме како знак на неговото и наше оздравување, ако немате никакви забелешки, ако, пак, имате, пратете ни ги преку Џабир Дерала.
Не, немав никакви забелешки и затоа решив да ја објавам таа маргаритка, тука, односно да ја испочитувам сугестијата да им го вратам материјалот преку Фронтлајн:
Драги браќа и сестри,
Признанијата за изборните кражби на Миле, Горде и Мартинчо, не се обични признанија на криминалци покајници, тоа се признанија кои ја криминализираат целата партија, ја дискредитираат целокупната нејзина идеологија и историја, и ја одземаат политичката и идејна невиност како референтна база и основа на нашата односно нејзината понуда до македонскиот народ. И денеска и низ целокупната историја на нашето постоење како партија, револуционерна организација и движење. Јас како лидер на вмро-дпмне се чувствувам поразен, посрамен и одговорен. Луѓето кои ја признаа вината беа цветот на нашата партија, врвни раководители на вмро-дпмне и први партиски претставници на најодговорните позиции во власта на вмро-дпмне.
Сѐ уште сум во шок и јас и моите соработници од денешното раководство, но очигледно е дека со стигмата на лоповска организација, на партија која не само крадела избори туку и ја организирала кражбата како посебен злосторнички потфат меѓу личности, органи и тела на самата партија и на државните органи под нејзина контрола, нема да можеме да сметаме на место на политичката сцена во Република Северна Македонија. Ние баравме предвремени избори, но сакам да кажам дека ако тие се одржат час поскоро, вмро-дпмне нема да учествува на нив. Нема да учествуваме и на редовните избори во 2024 година, ниту на најмалку пет наредни редовни избори што значи дека црвениот картон кој ни го покажаа нашите некогашни соборци и правосудниот систем на Република Северна Македонија, на кој му оддавам признание за ефикасноста, правноста и солидарноста во казнената политика во конкретниот случај, ние го разбираме како обврска да не се натпреваруваме за власт во нашата татковина најмалку до 2042 година. Односно тоа време да го искористиме за окајување на нашите гревови, во молитви и во длабока покорност и понизност, во работа за општа корист. Се разбира, ако вмро-дпмне до тогаш преживее, ќе дојдат некои нови луѓе кои ќе ја водат и ќе решаваат за нејзините работи и ангажмани, но ние денеска решивме вака како што јас тоа тука, пред целокупниот македонски народ во татковината и во расеаноста, го истакнувам и образлагам со најтешки чувства на срам. Во името на вмро-дпмне, на илјадниците борци на организацијата низ вековната борба за слобода, особено на луѓето кои ги положија своите животи во таа борба, му принесувам на македонскиот народ извинување за злото и компромитацијата што му ги нанесовме.
Оваа е прилика да се потсетиме дека не се работи само за кражба на избори туку и за сериозни обвинувања за кражба на неброени пари и материјални добра, фирми, земјишта, плацеви, куќи, вклучувајќи ја тука и грозоморната штабквартира во која јас и уште пет-шест души се шлаеме во десетина илјади квадрати. Се случува кога Дибекот или Фликот ќе појдат да серат, да не знаат да се вратат во мојот кабинет. На обичниот свет тоа може да му изгледа како луксузирање, но јас сакам да ви кажам дека тоа е тешка мачнина од која не може да не олабави ниту внатрешниот базен со морска вода, ниту сликите и таписериите на нашиот будимпештански водач заедно со другарите кои ја признаа вината за злоупотребите на службените овластувања и за злосторничкото здружување против народот и државата, и со многу други кои се уште не ја признале. Јас ги повикувам сите членови и симпатизери на вмро-дпмне кои некогаш нешто украле или на друг начин и наштетиле на државата, да ги признаат своите злодела. Јас знам дека таа бројка е огромна, но сите ние мораме да се ослободиме од тој товар на одговорноста преку признание, покајување и внатрешно преиспитување.
И лежење.
Да, да и лежење.
Сакам во оваа прилика да кажам дека идејата да ја заробиме државата и да ги уништиме институциите беше благородна идеја која почиваше на уништувањето на комунистичкото наследство, од една страна, и на враќањето на непосредната врска меѓу вмро и народот, врска на која државата како таква и пречи како кучешки лаеж за време на човечки секс и, второ, дека Скопје 2014, барокот и антиквизацијата, имаа за цел да го рехабилитираат тој однос меѓу народот и единствената партија така што ќе ја кретенизираат неговата национална димензија, ние отсекогаш сме биле народ, а не нација, но се покажа дека и тука сме утнале односно дека македонската нација е историски субјект од највисока категорија.
Тоа е.
Браќа и сестри мои.
Уште еднаш, проштевајте!
Скопје, 12.02.2022
Ваш Христијан Мицкоски
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.