Редовното дневно празнење на контејнерите го претставува како невиден успех, а периодичното чистење на дивите депонии како успешно реализиран проект. Вети дека нема да ја финансира партијата со средства од општината, а просториите на урбаните заедници ги претвори во партиски штабови каде унијата на жени на ОК Аеродром реализира партиски активности на ВМРО-ДПМНЕ, рече тој.
Вети транспарентна општина, а распиша оглас за вработување на партиски кадри за време на Божиќните празници. Првите 100 дена Муцунски ги потроши на евтини ПР трикови кои создаваат илузија дека нешто се работи. Вистината е дека паѓаат во вода сите предизборни ветувања. Тимчо Муцунски не е ништо поразличен од останатите градоначалници на неговата партија кои својата неспособност ја покриваат со евтина партиска пропаганда, истакна Ристески.
Ако по утрото денот се познава првите 100 дена на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ најавуваат катастрофа во локалните политики. Наследија функционални општини, полни буџети и започнати проекти, а не реализираат ништо. Граѓаните на Аеродром не се наивни. За помалку од 4 години повторно ќе има избори. Ваквиот нечесен однос на Муцунски кон граѓаните никој нема да му го прости. Аеродром не заборава. На лажни ветувања избори не се добиваат 2 пати, рече Ристески.





