пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
За правдата се работи! Така извикав еднаш, пред неколку години, на состанок со една правна експертка и адвокатка што ме застапуваше во судски процес со смрдливиот измет на Режимот на Груевски. Таа се насмеа и ме праша каде живеам и да не сум паднал од Марс. Ме праша како можам да бидам толку наивен и да ги помешам правдата и правото?! Се обидов да ѝ објаснам дека не смееме да се помириме со таквата реалност. Токму тоа и го сака Режимот, да се помириме. Зборував уште многу, како што и пишував уште многу сите овие години. Таа ме ислуша трпеливо и во еден миг, ми рече да се спуштам на земја и да обрнам внимание на предметот пред нас… Правдата и правото останаа разделени, на различни страни од македонската вселена…
Сега, години подоцна, време во кое многупати морав да се спуштам на земја и да ги погледнам неумоливите факти на реалноста, гледам дека правото и правдата живеат на различни адреси и ретко се среќаваат. Да, почнаа да се среќаваат. Нека каже кој што сака, но тие се веќе познаници. Цената за тоа беше падот на СЈО, во соработка со „неутралците“, а платено и режирано од крупните остатоци на Режимот. Се разбира, има тука и многу други елементи во приказната, но општо земено, тоа е.
Навистина, премногу бевме наивни кога очекувавме, како во филмовите со супер хероите на Марвел или Ди-Си Комикс, дека криминалците ќе кренат раце и покајнички ќе се упатат кон затворот. Не, наместо тоа, тие му задаваат удари на системот секој ден, на секој чекор. Како во легендарната серија „Готам“, криминално лудите (лош превод од – criminally insane), притоа и лудо збогатени од украдените пари, и не помислуваат дека е време да се предадат. Напротив, вложија колку што можеа и не можеа во извитоперување на сѐ што може да се замисли под нормализирање и враќање на владеењето на правото и демократијата. А што ќе ни е да бидеме нормални? Па толку добро живеевме во ненормална држава!
И така, ќе дојдеме до тревожните прашања за извонредно добро смислениот, скап план на организираниот полит-криминал во оваа држава. И додека сите очи беа вперени кон решавање на суштински проблеми што ја притискаа земјата како во менгеме и ја изолираа, токму поради политиката на криминално лудите, тие (криминалците) работеа на спроведување план што ги предизвикува можностите и талентите и најдобрите холивудски сценаристи. Се разбира, со сѐ поотворена и понервозна поддршка од Кремљ. На самиот почеток стана очигледно дека нашиве криминалци се во милоста на Путин. Но, машинеријата под канџите на Путин ги поддржува само поради тоа што се употребливи за да ѝ се нанесе штета на целата земја и да се спречи нејзиниот напредок. Не е тоа никаква љубов, тие се само пиони во игра, каде што валканите потези ги влече рускиот диктатор. Им треба влијание овде, тоа е сѐ. Во еден момент, ќе им ги земат парите и ќе ги фрлат на буниште. Љубовта на Путин е кон парите, луксузот и моќта, нема тука никаква емоција кон било што друго. Криминалците на Режимот не се разликуваат многу, само се минијатурни во споредба со него.
Крими приказната на Северна Македонија е заплеткана и возбудлива, често и смешна, ако се гледа од страна. Ако сте заплеткани во неа, не е ни малку смешно. Најчесто, не може ништо да се направи, освен да се гледа немоќно, како криминалците успеваат да ѝ фрлат евтина јадица на јавноста и да уживаат во ефектите од лажните вести и дезинформациите. Уличарски грубо, успеаја да му дадат еден сосема поинаков тек на македонскиот од кон иднината. Им успеа да ги изедначат, да ги поистоветат сите придобивки на демократската и ненасилна борба против Режимот со самиот Режим. Да ги направат луѓето мрзоволни, огорчени и параноични.
Кампањата им успева, барем до некаде. И даваат сѐ од себе угнетувачите да ги претстават како жртви, криминалците како добротвори.
Како никогаш порано, заслужуваме да му се придружиме на демократскиот свет, а тие непрестајно пелтечат и цмиздрат (со крокодилски солзи) дека е извршено предавство. Во нормална земја, тие би биле осамени маргиналци, но овде доминираат во медиумите, во јавноста. Затоа што имаат многу пари, фантастично многу пари, прецизно и смислено насочени кон средиштето на промените.
Па така, имате една огромна политичка партија, на чие чело (почесно) е правосилно осуден човек кој ужива азил од еден автократ сличен на него (Груевски-Орбан). Таа партија, не само што остана надвор од создавањето на една подобра и посветла македонска историја, туку газат безмилосно против секоја тешко спечалена придобивка на тој пат. Работат во полза на сите што ѝ мислат само лошо на оваа земја, па и со Путин и со Мицотакис.
Мицкоски е курир. Вплеткан е до гуша во аферите што се отвораат и во кои не му пречи да крши закони, бидејќи се крие зад легитимитетот што незаслужено го добива од бројките во парламентот. Но, должен е да одговори. Ако системот е немоќен да му застане на патот, јавноста секако ќе се разбуди еден ден и ќе го праша: Како успеа, со професорска плата, да си обезбеди мултимилионски бизнис со хидроцентралите? Тоа го праша и нервозниот братучед на азилантот, еден од најмоќните луѓе во земјава, оној што уживаше во домашниот притвор на хотелот Мериот. Јавноста ќе го праша и колку пари му дал Орце Камчев нему и на неговата партија. Ќе мора да одговори и на прашањата за неговата улога во аферата позната под називот „рекет“, иако тоа е типично корупциски случај.
Мицкоски и неговата партија мора да одговорат и на прашањата за вистинските мотиви зошто го блокираат процесот на судските реформи и сега, откако им успеа да го урнат СЈО. Мотивите се очигледни, но мораат да ги објаснат и да ги признаат. Среќна околност е тоа што во преговорите имаат работа со некој како министерката за правда, Дескоска, која смирено, но цврсто, кажа дека не е оптимист за преговорите, бидејќи знае со кого преговара. И Заев кој преговара со насмевка, но не попушта пред барањата за неказнивост на криминалците. Тоа се добри вести. Како што се добри сите вести што доаѓаат од центрите на светските демократии – Бундестагот, Белата куќа…
Кога ќе се погледнат судските процеси и во светот, каде што владеењето на правото е далеку понапред, гледаме дека тие се бавни. Но, законот стигнува и до најмоќните и најнедостижните. Тркалото тргна и овде, во оваа земја што сега е центар на светското внимание со добрите вести кои сѐ почесто ги слушаме и ние, кога сакаме. А за Мицкоски, неговиот шеф и Фамилијата ќе биде најдобра вест ако нашата земја, на пример, не успее да добие датум. За нив, добрите вести се многу лоши вести. И добри се во креирање лоши вести. Тоа мора да им се признае.