Министерот за надворешни работи Бујар Османи телефонски разговарал со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид за актуелната ситуација во и околу Украина.
Во разговорот шефот на дипломатијата, како што соопшти МНР, изразил сериозна загриженост за влошената безбедносна состојба во источниот дел на Украина, која уследи по признавањето на независноста на регионите Луганск и Доњецк од страна на Русија. Воедно, тој ја реафирмирал нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и повика на доследно почитување на меѓународното право и неповредливоста на границите.
– Министерот Османи како член на триото претседавачи, потенцираше дека Северна Македонија активно ќе учествува во процесите за деескалација и изнаоѓање на дипломатско решение преку суштествен дијалог меѓу инволвираните страни. Воедно, министерот изрази поддршка на Специјалната Мониторинг Мисија на ОБСЕ во Украина, и ја истакна подготвеноста од наша страна за дополнителен ангажман во функција на намалување на тензиите, се наведува во соопштението.
На крајот од разговорот, соговорниците се согласиле дека дијалогот и дипломатските напори немаат алтернатива во смирување и деескалација на ситуацијата.
Извор: МИА





