пишува: САШО ОРДАНОСКИ
Добро е што, паралелно со уште една продолжена криза – руската брутална воена инвазија врз Украина и сите глобални компликации заради тоа – во Македонија повторно заживува дебатата за тоа до каде сме во земјава со борбата против криминалот и корупцијата. Јавната перцепција за тоа е подобрена минатата година, но нема кој ќе ви каже дека треба да сме задоволни од постигнатото. Долга е таа нива за орање.
Од владејачката СДСМ велат дека ги научиле „лекциите“ поради кои убедливо ги загубија локалните избори. Тоа може да се сведе на поедноставената констатација дека во изминатите две години на пандемиската криза и решавањето на меѓународните предизвици за земјава, додека партиско-државниот врв се занимаваше со интензивни анти-кризни политики и „гасења пожари“ на разни точки во политиките, еден голем дел од нивната владејачка централна и локална машинерија удобно се разладуваа во „сенката“ на работата на грстот партиски челници. Политичката сметка, оправдано, си ја плати нивниот поранешен претседател Заев со повлекување од политиката, иако се погрижи да им остави владино мнозинство за продолжено владеење во преостанатиот дел од националниот мандат.
По два месеци од власта на новиот премиер Ковачевски, под силен бараж и на опозицијата и на продолжените кризни состојби во земјава и светот – енергетски, економски, финансиски, безбедносни, а и пандемијата не е докрај јасно дали е само стивната или може повторно непријатно да изненади – сѐ уште е рано да се процени дали владејачката партија нема повторно да се залула на изговорот дека анти-кризните политики се добри и даваат резултати, дека новата динамика во бугарско-македонскиот дијалог ќе донесе пробив во евро-интеграцијата на земјава, додека многумина „под радарот“ си работат по старите мижи-бутај навики, повеќе за себе и за партискиот, отколку за јавниот интерес.
„Стариот“ дел од Владата – всушност, „прастариот“, кој го негува континуитетот во власта од пред дваесетина години – оној на ДУИ, не доби пораки од своите гласачи на локалните избори што би ја натерале битно да се престројува во однос на антикорупциските политики и практики во државата. Нивната партиска клиентела е нечепната, можеби дури и зацврстена, немаат причина за возбуда „на трибините“. И бизнисите и бизнисмените им се рок-солид, армиран бетон.
А, илустрацијата за тоа дека старите практики тешко се искоренуваат е објавената информација дека, во двете изминати кризни години, 42 државни институции набавиле 142 нови автомобили. Можеби во тоа нема ништо незаконски, за да биде во доменот на криминалот и корупцијата (дури, условите на купување нови возила на лизинг можеби се поисплатливи од одржувањето стари возила, каде можноста за криминални „гимнастики“ е безгранична), но секако звучи нетактично и недомаќински, што уште како е во доменот на перцепцијата за криминал и корупција. И, со право: македонската законска и подзаконска регулатива обезбедува доволно правна „флексибилност“ – на пример, во градежништвото – ем да не го кршите законот, ем да ги обезбедите сите протекции и криминални влијанија во „соседната“ област, партиските клиентели и партиските буџети. За тоа деновиве веќе има и важни судски пресуди за претходната власт, со признавање на вина на обвинетите.
Се разбира, не е секој инвеститор и бизнисмен криминалец; но многу од криминалците се, некакви, инвеститори и бизнисмени. Политичарите (особено функционерите на власт) се „ноќната стража“ што нѐ штити, дури и во „растегливите“ рамки на законот, од криминалните инвеститери и бизнисмени.
Суштината на занимавањето со политиката е да го заштити јавниот интерес. Во таа област „бреговите на морето“ што го дефинира јавниот интерес се одредуваат низ општа и експертска општествена дебата, којашто на крајот се „прекршува“ низ постапката на редовни и фер избори. Ако Димитар Ковачевски и неговиот тим „спијат на увото“ дека имаат поважна работа, решавајќи ги и тековните кризни пожари, од очекувањата на јавноста и за „нула толеранција“ кон криминалот и корупцијата, ќе се лизнат на истата кора од бананата на која го скршија вратот на последните локални избори. И тоа не толку поради силината на опозицијата на оваа тема, туку заради продолжената апстиненција на голем дел од своите симпатизери кои решија да си останат дома минатиот изборен пат.