Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на панел дискусијата на тема: ,,Уривање на стереотипите во спортот, професијата, и еднаквоста меѓу половите” на Интернационалниот биатлон форум, организиран од Биатлон Федерацијата на Северна Македонија, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, информираат од Министерството за одбрана.
,, Сериозен предизвик е да се биде министерка за одбрана но кога лично во себе ја имате одговорноста и посветеноста тогаш секоја задача е полесна” – рече министерката, додавајќи дека носењето на одлуки и справувањето со секакви предизвици е многу полесно кога сте опкружени со вистински професионалци.
„Дали само остануваме на зборови или зборовите ги преточуваме во акции се гледа преку бројки, за споредба 2012 година процентот на застапеност на жените во униформа бил 5, 7%, а оваа година тој процент е 10,15% што покажува еден поприлично голем скок и не само бројот на проценти во вкупната бројка туку има значително подобрување и во однос на нивното рангирање односно на определени позиции”- рече Петровска.
“Она на што особено се обрнува внимание за да можеме практично да ја подобриме позицијата на жената во сите структури во министерството и во цивилниот и во армискиот дел е всушност нејзината заштита и гарантирање на нејзините права”, посочи министерката.
Министерката се осврна на два клучни аспекти за воспоставување на родова еднаквост и тоа: на законската регулатива, нормите и политиките за родова еднаквост и родова перспектива кои се донесуваат и имплементираат во министерството и Армијата и на креирањето на работна средина на еднакви можности во која што жените рамноправно ќе учествуваат во исполнувањето на своите должности и одговорности.
Петровска истакна дека Министерството за одбрана дава континуирана поддршка на граѓанските организации кои работат со родовите политики.
Целта на форумот е популаризација на Биатлон спортот и афирмација на жените во спортот и во општеството.