Источно либиските сили на генералот Калифа Хафтар, кои се обидуваат да го заземат Триполи, денеска соопштија дека се подготвени и посветени да ја постигнат посакувана цел.
Ова е пораката што на Фејсбук ја напишаа припадници на овие сили, откако нивниот командант синоќа во Москва објави дека нема да го потпише примирјето што го предложила Турција и Русија, јавија британските медиуми, пренесе МИА.
Како што се наведува, откако Хафтар ја напуштил Москва, веднаш почнале вооружените судири на југот од Триполи, а во соопштението објавено на локалната телевизија војската на Хафтар прогласи подготвеност за победа.
Лидерите на либиските завојувани страни вчера постигнаа одреден напредок на индиректните преговори во Москва, но не успеаја да се договорат за примирје и завршување на деветмесечната војна за главниот град Триполи, пренесе Тасс.
Разговорите траеја осум часа со посредничка улога на Русија и Турција, а лидерот на Либиската национална армија (ЛНА) Калифа Хафтар изјави дека договор за примирје со Владата на национално единство не е постигнат бидејќи биле игнорирани некои барања на ЛНА.
Според „Скај њуз“, Хафтар барал на неговата војска да и се дозволи да влезе во Триполи и да се формира Влада на национално единство која ќе добие доверба во парламентот, како и да се надгледува примирјето, но без учеството на Турција.