Април во стариот Рим бил месец посветен на Венера, божицата на љубовта, сексот, убавината и плодноста. Први април бил ден на кој се празнувале Венералиите (Veneralia), празник во чест на Venus Verticordia („Венера која ги преобратува срцата).
„Април“ е, инаку, од латинското Aprilis, името на вториот месец во стариот римски календар. Aprilis е можеби од Apru, етрурското име на грчката божица Афродита (грч. Ἀφροδίτη), или од *ap(e)rilis “следниот,” т.е. вториот месец во календарот. Народната етимологија го врзува со глаголот aperio “отворам”.
Венералиите се чест мотив во сликарството. Најпозната е сликата „Празникот на Венера“ на Рубенс (1636/7 година), денес во Kunsthistorisches Museum во Виена.
Извор: ΑΡΓΩ