Пратениците денеска во рамки на продолжението на 68-та седница, по попладневната пауза, ја продолжија расправата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита и за Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници, и двата по скратена постапка. Заврши расправата, а со тоа и денешната седница, но пратениците не гласаа по предлог-законите, јавува МИА.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на крајот на денешната седница посочи дека претениците дополнително ќе бидат информирани кога ќе се гласа по предлог-законите за кои денеска се расправаше.
Во расправата доминираа повеќе теми како раст на трошоците на живот, грижа за граѓаните и за нивниот стандард, зголеменувањето на минималната плата, иселувањето на младите, непостоење на нови фабрики, голема сиромаштија и корупција…
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници во скратена постапка е манипулативен и оти со него ќе се добие дисбаланс во систематизациите на работните места и во мотивацијата на работниците. Според пратениците од опозициската партија, досегашните економски мерки за подобрување на состојбите не даваат резултати и се контрапродуктивни.
Владејачката СДСМ, пак, смета дека е потребно скалесто покачување на платите за што, според нив, придонесува новото законско решение кое е добра основа тоа да се постигне. Потенцираа дека Владата успешно се справува и со актуелната криза и со економските предизвици.
Во продолжение на 68-та седница пратениците треба да расправаат за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. За него ќе се расправа кога ќе бидат создадени деловнички можности бидејќи се уште не е завршена расправата во матичната комисија, односно Комисијата за финансирање и буџет.
Собранието утре продолжува со 57-та седница.