пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Сите се сложни – како јајце на јајце влезени во националроматичарски филм – Ванчо Михајлов е фашист, колаборационист, а бидејќи В.М. бил тоа, ние мора да сме нешто Друго, а тоа Друго мора да е антифашизам оти ни нема друго. Тоа е денес политичката логика на нашата политичка челад.
Денес и ВМРО и СДСМ велат дека се антифашистички партии версус Ванчо Михајлов, што мене ми доаѓа нешто како „нечиста совест“ (Хегел), или прастар грев на нашите прататковци. Но, ајде да видиме за што всушност станува збор, драг мој Вотсоне!
Делегацијата на Бугарија отвори „културен клуб“ во Битола, името на тој клуб е „Ванчо Михајлов“, јавноста падна во констернација, сите политички чинители го осудија В.М. дека бил фашист, колаборационист со фашистичките режими на Италија и Нацистичка Германија. Следствено на тоа, сите „политички чинители“ себе се дефинираа за антифашисти, а потоа слободно си легнаа во своите „мирни“ политички катакомби. Нема подобро и полесно од ова. Вакви интелектуални мрзи на светот нема!
Што е она кое во оваа политичка какофонија го зачеша мојот нос, драг Вотсоне?
Па, тоа дека сите се антифашисти, за почеток. Што е ноторна лага и тешка мистификација. Национализмот во својата историска граѓанска форма не беше крвен непријател со комунистичкиот режим за кој, овој, тоталитарно го прогонуваше, туку беше негов структурален дел и беше негов легитимациски хоризонт. Тоа се слуша во она за кое денес ни се вели, „ако не беа партизаните односно комунистите, немаше да имаме самостојна македонска држава“.
Оваа фраза нужно го редуцира и комунизмот и антифашизмот како светско-историски феномен на националистичката телеологија. Се што денес постои го наоѓа своето оправдување само во онаа мера додека и’ служи на нацијата. Доколку не е и служи, тогаш за ништо не чини. Или со други зборови, нашите „политички логичари“ би рекле денес: антифашизмот е во ред, само затоа што ни помогна да имаме своја национална држава. Ако не допринесеше до тоа, што значи ќе беше вишок, Македонците не би имале никаква причина да се борат против фашизмот.
Што мене ми кажува уште нешто: дека национализмот во Македонија сè уште е ултимативен легитимациски хоризонт на политиката и идеологијата. Дури, ако сакате да заоштриме: и комунистите својата власт националистички ја практикуваа. Далеку од тоа дека работеа на уништување на нацијата. Туку се работеше за идеја во која на нацијата, како историска и реалполитичка содржина, ѝ се дава некоја социјална компонента. А тоа е: Македонците и Македонките да се измијат, избањаат, описменат, да им се изгради кров над главата, да се вработат, да се градат себе и општеството, и да, што би рекол Тито, „секоја ден се повеќе и повеќе напредуваат во својата културна и општествена надградба“, и конечно, да фатат чекор со останатиот модерен свет. И притоа, да не се експлоатираат едни со други, да не се толчат едни со други до гола кожа, што значи, се воведе еден вид на модернизација на македонската држава која дојде директно од партизанските бајонети.
И затоа кога ги слушам овие бедни флоскули дека „сите сме антифашисти“, јас исчитувам и нешто друго: дека ние сме толку немоќи да помрднеме општа културна и модернизациска инфраструктура. А што се однесува до комунистичкото движење, тоa уште во времето на Тито беше поделенo. Од една страна можеше да покрене голема еманципациска подлога која за релативно брзо време остваруваше цивилизациски придобивки: општо описменување, рамноправност на жените и право на глас, учество во политичкиот живот, масовно излегување на жените во културниот и општествениот живот што, од друга страна, никој не беше во состојба, вклучувајќи ја и „граѓанската класа“, да направи таков исчекор па, инертно, таа „граѓанска класа“ опортунистички го презеде иниституционалниот апарат на националната држава и граѓанската култура, мислејќи дека така може да „вдахне“ нов еманципациски и културен потенцијал.
Резултатот беше компромисот што комунистите го направија со националистите, а тој компромис ги прогонуваше до крахот на деведесетите години.
Да скратам, и да се вратам на терминот за антифашизмот.
Антифашизмот денес, не е политички фактор. Го изгуби својот мобилизациски набој, се работи за став без реална политичка смисла. Добро, антифашист си, и? Приметувате, се работи за бенигна, безопасна флоскула, ниту лае а ниту гризе. Денес секој протофашист може да биде антифашист. Ако нам ни беше важен антифашизмот, зошто се урла по стадионите „За шиптари гасни комори!“, или зошто се урла „За чиста Македонија!“?
Дури, денес, Македонија ми изгледа како во 1945 година да победиле фашистите, а не партизаните. Дури ми се чини дека денес сите го употребуваат антифашизмот така што тој ништо во својата употребна вредност не значи.
ВМРО историски беше дел од тоталитарните движења, тоа е историски факт, а СДСМ во историска смисла е далеку поважна политичка партија во вредносна и секоја друга смисла, ама набојот за антифашизмот го губи бидејќи и фали смисла.
Да привршувам. Проблемот со антифашизмот е и тоа што Европа во оваа земја никогаш вистински не се спушти во реалноста, како онаа историска, така и оваа сегашна. Таа останува утописка цел кон која Македонија патува ама никако да стигне. Од друга страна, Европа се конституира и создаде како антифашистичка наднационална држава, ама денес, гледаме, неа ја владеат ултра-десни протофашисти, примерот со Орбан е најсвеж, гледате дека и во Франција Ле Пен му дише во врат на Макрон, за Путин да не зборувам, за Трамп исто така. Зборот ми е дека ние Европа ја гледаме од радикално различни перспективи.
И верувам дека нашата перспектива на гледање на светот и Европа е многу подобра за нашата иднина од перспективата на ВМРО и нивните тоталитарни и недемократски историски личности.
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани