Видеото е дел од подолг видео материјал од 24 минути кое Зеленски самиот го има објавено на својот Фејсбук профил, а за кое имаат известувано и украинските медиуми. Од датумот во новинарските написи, евидентно е дека видеото потекнува од 2019 година, за што сведочат и фотографии објавени на веб-страницата на претседателот. Во случајов не станува збор за средба со нацисти од Азов, туку со воена единица кај селото Золоте во луганската област пред три години.
Вистиномер рецензира објава на социјалната мрежа Фејсбук, каде е споделено видео од 1.5 минута, за кое се тврди дека го портретира украинскиот претседател Володимир Зеленски „како вечера со нацистите од Азов баталјонот”.
Во објавата пишува: Скандалозно видео со Зеленски како се договара со нацистите да убиваат луѓе како во Буча. Видеото е од тајната Телеграм група Азов. Ова нема да се види на телевизија. Со бугарски титл.
На видеото навистина се гледа претседателот на Украина, Зеленски, како вечера со војници, ама тие не се од Азов, туку се воена единица кај селото Золоте во луганската област. Бугарските преводи, односно титлот, немаат никаква врска со зборовите кои украинскиот претседател и неговите соговорници ги разменуваат, а се однесуваат на сосема различни теми.
Целта на ова измамничко видео е да таргетира луѓе кои не разбираат украински и кои лесно можат да бидат измамени од лажните преводи кои се презентираат во текот на видеото под конверзациите што Зеленски ги има со војниците. Истото видео го има и на Јутјуб, на канал со мала видливост и нема голем број прегледи.