„Не плашете се, сега се разиграни поради топлото време и нема да ви направат ништо сѐ додека не се почувствуваат вознемирено, а се разбира имате и посебен шешир кој ве штити од убоди“, со овие зборови, во пријатна атмосфера, под топлото мајско сонце, од кое бевме заштитени преку специјализиараните шешири за одгледувачи на пчели, го започнавме интервјуто со пчеларот Мирче Милошевски – Макс кој во тетовското село Непроштено има навидум мал, но доволно простран и вистински рај за одгледување на пчели.
По повод денешниот ден, 20 мај кој се одбележува како Светскиот ден на пчелата, екипата на „Мета.мк“ беше во посета на пчеларникот на пчеларот Милошевски.
Иако кратко пред да пристигнеме беше завршил со утринските обврски околу пчеларењето, тој со задоволство ни ја отвори вратата во својот пчеларник каде се наоѓаа педесетина сандаци за одгледување на едно, од како што самиот ги нарекува, најпосебните видови животни – пчелите.
„Овие сандаци коишто ги гледате тука се именуваат како Ланстрот, но има и други модели како Даданблат, Фарер, „Полошки“, сепак јас најчесто пчеларам со Ланстрот поради поволноста на капацитетот што собира десет рамки. Во секој сандак, на секоја рамка има по една матица која е единствената полово зрела пчела и која пчелите самите ја креираат во матичници што ги создаваат на рамките. Секоја матица е способна да снесе од 200 до 2.000 јајца на ден, таа е одговорна да го одржува развитокот на одреденото семејство пчели. Доколку е блокирана и не успее да произведе јајце, таа може да си одлета надвор, а со тоа да повлече цела дружина пчели од семејството, по што најчесто се формира ново семејство со, се разбира, нова матица“, објаснува Милошевски кој веќе 20 години се занимава со стационарна апикултура.
Тој додава дека на секоја рамка има повеќе машки пчели, односно трутови кои настануваат од неоплодените јајца, пчели работнички (женски пчели), што настануваат кога еден трут ќе ја оплоди матицата, додека секоја рамка може да има најмногу до две матици од кои секогаш посилната, поспособната преживува и останува единствена.
Во текот на разговорот кон пчелите пристапивме со смиреност, без многу движење со рацете, а со цел да им покажеме дека не сме таму за да им пречиме во работата. Нашиот гостопримлив одгледувач се послужи со алатката, зачадувач за пчели наменета за нивно смирување или во апикултурата познато како „димење“ на пчели.
„Тука можеме да ги забележиме и пчелите „стражари“ кои си го чуваат „домот“. Пчелите во секој од сандаците имаат различен мирис, а нивните сетила за мирис се многу развиени поради што тие се касаат меѓу себе и токму овие „стражарки“ се на должност да не дозволуваат мешање на пчелите од еден со пчелите од друг дом, а доколку насетат пчела што не е дел од нивното семејство и е послаба од нив вршат „кражба“, што значи способни се да го уништат целото семејство што живее во другиот или соседниот сандак. Освен тоа пчелите не поднесуваат мириси на парфем и секогаш бараат пчеларот да биде чист, односно да не биде испотен бидејќи истото ги вознемирува и може да му нанесат убод“, вели Милошевски.
Во однос на размножувањето на пчелното семејство, тој нѝ раскажува дека истото зависи од тоа колкав број на пчели има во семејството, колку се истите здрави и силни, толку јајца ќе произведе матицата, но и покрај тоа не се исклучува податокот дека секоја сезона бројот на пчели е различен. Тој истакнува дека е важно матиците да се менуваат еднаш годишно поради нивната плодност, која по една година се намалува, а инаку матиците може да живеат и до пет години и затоа ниту една матица не треба да се убие, туку треба да се ослободи, по што продолжува да живее во природата.
За жал, кога пчелите се движат или живеат во близина на растенија за чије одгледување се употребуваат пестициди, не можат да преживеат многу долго. Тие во текот на една пчелна сезона додека работат на правење на мед живеат до 21 ден, додека има и шестмесечни пчели кои живеат од август до јануари.
„За секој пчелар важно е да избере погодна средина каде пчелите нема да се во близок контакт со пестицидите, но природата за нив е отворена и тие може да отидат каде сакаат. Покрај тоа, пчелите си бараат особени третмани и лекување кога има потреба. Има лекови кои ѝ помагаат на пчелата да закрепне доколку заболи. На пример, постои пчелен крлеж кој исто така се третира и најпосле се искоренува. Сметам дека секој што сака да се занимава со пчеларење треба да има предвид дека пчелите бараат да вложиш во нив, без штедење на љубов, внимание и средства за да ти возвратат назад. Јас никогаш не штедам на тие работи и мислам дека затоа ми враќаат“, задоволно раскажува пчеларот Милошевски.
Апикултурата реализирана преку правилното третирање и хранење овозможува популацијата на пчели да опстои подолго, со што се намалуваат шансите истата да прерасне во загрозен вид. Покрај тоа, пчеларството е голем бенефит за човештвото, при што се развива симбиотична врска меѓу природата и човекот.
Нашиот соговорник, воедно и голем вљубеник во највредниот и најумниот инсект како што самиот го опишува, покрај тоа што ги негува своите пчели, секоја година води бележник со податоци за секој сандак одделно, со цел постојано да се развиваат нови и здрави пчелни семејства и матици.
„Во текот на една сезона, важно е пчеларот да ги менува рамките што се наоѓаат во сандаците и тоа е препорачливо да се прави на 50 до 60 отсто од нивниот вкупен број. Тие реагираат на временските услови, кога е многу топло излегуваат од сандакот и летаат околу него, додека кога врне или заладува, зимските, шестмесечни пчели влегуваат внатре и речиси воопшто да не излегуваат. Ако е многу ладно и тоа подолг период тие живеат најмногу до 45 дена. Исто така, за време на зимскиот период останатите пчели излегуваат, одат на југ, односно од страната на која заоѓа сонцето и носат храна за матицата. Со цел да им олеснам, јас извлекувам една рамка и тогаш во секој сандак има девет наместо десет рамки“, вели Мирче.
Во однос на количината и квалитет на мед што се произведува во една сезона, пчеларот вели дека за тоа одлучува самата природа, како и растението чиј полен го користат пчелите.
„Последните години не се многу наклонети кон пчеларење, да речеме дека имало и поплодни години, но тоа не треба да влијае врз начинот на кој се одгледуваат пчелите. Потребно е трпение, труд и работа. Пчелите бараат постојано внимание и само тој што работи заедно со нив може да го сфати феноменот и итрината на ова толку малечко животно што умее толку многу да му подари на човекот“, завршува Милошевски.
Извор: МЕТА