Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими амбасадорките на Украина и на Швајцарија во земјава, Наталија Задорожњук и Вероник Улман Марти.
Како што информираат од Кабинетот на претседателот, Пендаровски бил информиран за активностите и понатамошните чекори кои се преземаат со цел помош, поддршка и обнова на Украина, како и на одредени региони, градови и индустрии погодени од војната.
– Во таа насока претседателот беше запознаен со претстојната Конференција за обновување на Украина, која ќе се одржи во Лугано, Швајцарија, на 5 и 6 јули годинава, на заедничка иницијатива на украинскиот претседател Владимир Зеленски и швајцарскиот претседател Игнацио Касис, а на која ќе биде претставен Планот за обнова и развој на Украина, со цел надминување на последиците од војната и избегнување на општествено – економска криза од поголеми размери, соопштуваат од Кабиентот на претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски, како што посочуваат, се заблагодарил за упатената покана за учество на Конференцијата и посочил дека европската солидарност и јакнењето на меѓусебното партнерство е клучно во процесите за обнова на Украина и повторно воспоставување на мир, безбедност и стабилност на европскиот континенет./МИА/





